Home » Македонија го добива женскиот алманах за култура и урбано живеење„Муза“

Македонија го добива женскиот алманах за култура и урбано живеење„Муза“

by culturalchat

На 06.07 во Офицерскиот дом во Битола, ќе се одржи промоцијата на првиот број на женскиот алманах за култура и урбано живеење, „Муза“.

На овие страници преку различни профили и интервјуа, читателите ќе се запознаат со жени кои се издигнале во културата, уметноста, модата, спортот, бизнис и претприемачкиот сектор, образованието и науката и други области. Преку статии и совети ќе се информираат за различни ранливи групи, родова еднаквост, женски активизам, менторство и кариерен развој, интеркултурна интерпретација, меѓународни перспективи итн.Позади овој женски алманах стои Илија Талев, реномиран диџеј и креативец од Битола. Стана препознатлив рушејќи бариери во средината во која живее во многу области: музика, мода, култура, уметност во Битола, но и пошироко. Тој е  музичар, организатор на првата техно журка во Македонија (1989), автор на првата техно песна „Последниот Титов Танц“ (1991) и првиот техно албум „И по Тито – Техно“ (1994) во Македонија и на Балканот со групата Xavier Acid, автор на првиот концептуално-амбиентален албум „Метрополис“ со проектот Музак, издавач на музичката компилација на битолски групи кои биле активни во периодот помеѓу 2001-2022 година под името „Битола е градот“.Околу идејата за создавање на алманахот ни рече:

„ Идејата за женскиот алманах „Муза“ дојде од желбата да се создаде списание посветено на силните, инспирирачки жени кои ги преминуваат врвовите на успехот во секоја сфера и аспект од светот во кој живееме. Намерата е да се откријат и споделат приказните на жени од сите сфери на нашето живеење, кои ја менуваат и збогатуваат нашата култура и општество. Во ова списание, ќе ги истражуваме нивните искуства, нивните борби и успеси“.

Зошто Муза?

„Името „Муза“ е избрано поради две причини:

  • Веруваме дека секоја жена, независно од нејзината професија, позиција во општеството, стил на живот или влијание, е нечија „Муза“ – извор на инспирација и сила.
  • „Муза“ е еден од повисоките планински врвови на планината Баба, во рамки на националниот парк Пелистер во југозападниот дел на Македонија (неговата надморска височина изнесува 2.351 метри), што во случајот симболизира височина и достигнување“.

Што обработува првиот број?

„Интервјуа со: Славица Јанкуловска Цаци (моден креатор), Ирена Димовска Митревска (вокалистка на рок групата Код 369), Надја Петровиќ (ликовен уметник), Билјана Исијанин (современа уметност), Елена Бошбож (писателка), Валентина Грамосли (актер), Мила Рориќ (архитект), Жанета Ристевска (психолог), разговор со Марта Христовска (Графо Пром) за бизнис-секторот, Александра Шијаковска (социјални мрежи), мини профил на музејскиот работник Наде Геневска Брачиќ, профил на здружението „Гласно за МС“ (здружение за помош и поддршка на лица заболени од Мултипна Склероза), колумни на Ивана Ангелковска (тренер за емоционална и енергетска трансформација) и Јована Матевска Атанасова (писател), текстови за женски активизам, женско претприемништво и друго“.

Од какво значење е излегувањето на едно вакво издание?

„Муза“ не е само списание, туку заедница на инспиративни жени и ментори кои одговараат на предизвиците и ги менуваат правилата на игра. Тоа е место каде ќе се истражува несовршената хармонија на родовата еднаквост и женската еманципација, ќе се залага за инклузивна култура и ќе го одржува пламенот на промената. „Муза“ ќе ги охрабрува жените да веруваат во себе, да се борат за своите права и да ја менуваат перспективата во светот во кој живееме. Заради сето ова горенаведено „Муза“ е од исклучително значење, посебно заради фактот дека вакво или слично списание немало на овие простори. „Муза“ ќе третира жени исклучиво кој живеат и творат на територијата на град Битола, што е уште еден раритет, сам по себе“.

Промоцијата ќе започне во 12 часот.

 

 

Related Articles