Претставата „Собирачи на пердуви“, (Skupljaci perja), во режија на Дејан Пројковски, a во продукција на Српско народно позориште од Нови Сад, ја освои првата награда на реномираниот фестивал „Театар во тврдината“ во Смедерево. На овој традиционален фестивал кој се одржува веќе 11 години, публиката ги оценува претставите.Во сериозна конкуренција имаше пет претстави, а највисоката оценка (4,81) на годинешниот фестивал, на кој публиката имаше можност да ги искаже своите впечатоци од претставите што ги гледаше, со рејтинг и гласање, ја доби претставата „Собирачи на пердуви “ .
„Повеќе од половина век подоцна, враќањето на ‘Собирачи на пердуви’ е враќање на реалноста на болката и радоста на слободата, убавината на френетичното живеење, автентичноста на животот, желбата и страста, смртта и еросот. Тоа е враќање на константа која, без разлика на промената на контекстот, останува иста. Нејзината суштина е отпорна на општествените промени и го претставува токму отпорот да се обликува во конвенциите на современиот свет: толку многу што создава свет доволен за себе. ‘Собирачи на пердуви’ е химна на слободата до која секогаш се доаѓа поради затворот пред сопствени очи“ вели Пројковски.Премиерата на претставата „Собирачи на пердуви“ се одржа во ноември минатата година во Нови Сад и важи за една од најголемите продукции во регионот, за која се бара карта повеќе.„Собирачи на пердуви“ е по текст на Александар Петровиќ, по кој е снимен истоимениот култнен филм, добитник на Гран при на канскиот фестивал во 1967 година. Драматургијата и адаптацијата ја потпишува Сашо Димоски, сценограф е Валентин Светозарев, а композитор е Оливер Јосифовски, кој музиката ја изведува во живо со извонреден оркестар на сцена. Во претставата играат 30 актери од СНП, меѓу кои и Марко Савиќ, Марта Береш, Милан Ковачевиќ, Александар Гајин, Јована Балашевиќ и други.Инаку, на истиот фестивал во конкуренција беше и „Ричард III“ во режија на Пројковски, на Новосадскиот театар и истата се најде на второ место според освоените гласови од публиката. Неодамна претставата „Демони„ од Достоевски, во режија на Дејан Пројковски во Националниот театар во Дебрецен, Унгарија, е прогласена за најдобра претстава на сезоната.