Во рамките на 56то издание на Фестивалот „Илинденски денови“ и Бит фест, универзитетскиот aнсамбл „Македонија“, одржа целовечерен концерт посветен на традиционалната култура од Јужномакедонската етнографска целина, насловен БАНДИ. Ова беше една музичка приказна во која уживаа сите присутни. На сцената се изведоа сценски адаптации од пределите Долна Преспа, Леринско Поле, Воденско и Меглен, а премиерно се изведе и новата сценска адаптација со наслов КОРЕШТА од етничкиот предел Костурско.
„Огромна благодарност до организаторите и публиката за поддршката и прекрасното искуство“, истакнаа од Ансамблот. Концертот „Банди“ беше вечер во која македонската традиција оживеа низ песната, сцената и емоцијата.
Ансамблот „Македонија“, што функционира при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип, е единствен од ваков тип во земјата и претставува вистински репрезент на македонската традиционална култура. Во него се вклучени професионалци и студенти од областа на традиционалната игра, инструменталната и вокалната музика, под менторство на врвни стручњаци. Репертоарот на Ансамблот опфаќа сценски адаптации на сите играорни подрачја во Македонија- Западно, Југозападно, Јужно, Источно и Северно- со внимателна обработка на орските и музичките стилски карактеристики. За сценското претставување, Ансамблот располага со богат фонд на автентични народни носии од различни етнографски предели, кои преку социјални атрибути и реквизити ја доловуваат разновидноста на традиционалната култура и начинот на живеење. Со својата сценска изведба, Ансамблот „Македонија“ го оживува македонскиот музичко-играорен дух и ја чува традицијата како жива врска меѓу минатото и сегашноста. Академскиот ансамбл често одржува целовечерни концерти и учествува на значајни културни манифестации во Македонија. Нивната програма опфаќа различни етнолошки региони и традиционални инструменти, со што верно се отсликува македонското музичко наследство.
Фотографии: Сашо Ставрев




