Home » Свечено откриено спомен – обележјето посветено на Св. Климент Охридски во НУУБ „Св. Климент Охридски“- Битола

Свечено откриено спомен – обележјето посветено на Св. Климент Охридски во НУУБ „Св. Климент Охридски“- Битола

by culturalchat

Во холот на Националната установа- Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ -Битола, свечено беше откриено спомен-обележјето посветено на св. Климент Охридски, патронот на нашата установа, кој е траен симбол на писменоста, просветителството, духовноста и културното наследство.Спомен-обележјето е дело на авторот Зоран Николовски, кој пред присутните говореше за сложениот и инспиративен процес на создавање ликовна претстава на историска личност за која не постои непосреден визуелен запис, авторот рече: „Сите ние сме автопортрет на Бог, кој го создал човекот и светот“, истакна Николовски, посочувајќи дека при создавањето на ликот на св. Климент Охридски авторот може да се повикува на мајсторски изработените фрески и другите историски записи, но дека тоа воопшто не ја олеснува уметничката задача.Пред присутните се обрати и директорката на Библиотеката, м-р Емилија Стефановска-Давкова, која истакна дека проектот „Соба на Св. Климент Охридски“, реализиран во рамките на Годишната програма за 2026 година со поддршка од Министерството за култура и туризам и претставува само еден сегмент од пошироката визија за развој и отворање на Библиотеката кон јавноста.
„Нашата цел е Националната установа -Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола да биде препознатлива не само како место за читателите, студентите и истражувачите, туку и како значајна културна точка за сите посетители на Битола“, истакна директорката Стефановска-Давкова.Во таа насока, Библиотеката интензивно работи на доопремување и доуредување на музејската поставка, соодветно застаклување и изложување на старите и ретки книги, периодичните изданија и предметите поврзани со историјата на Библиотеката, Битола и државата, како и на посебната „Соба за музикалии“ на вториот кат. Особено значајно е што делот од објектот во кој се наоѓа „Музејската поставка“ е опфатен под заштита, согласно прописите за културното наследство. Токму затоа, една од заложбите е, во соработка со надлежните институции, како НУ Завод и Музеј-Битола и другите музејски установи, како и институции од областа на културата и туристичките чинители, Библиотеката во иднина да стане препознатлив дел од културно-туристичката понуда на Битола!
Библиотеката, основана како градска библиотека на 25 март 1945 година, денес има статус на Национална и Универзитетска библиотека, а од 1954 година ја остварува и својата исклучително значајна депозитна функција, а тоа е чување на задолжителниот архивски примерок на книжниот и некнижниот библиотечен материјал.
„Ние не чуваме само книги. Ние чуваме дел од колективната меморија, културниот идентитет и сведоштвата за времето во кое живееле и твореле генерациите пред нас“, порача директорката. На свеченоста присуствуваа Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, заменик-градоначалничката на Општина Битола Марина Крстиќ, претставници на институции, вработени во Библиотеката, уметници, соработници, љубители на книгата и бројни гости. Со новото спомен-обележје, ликот и делото на св. Климент Охридски добиваат свое трајно и достоинствено место во институцијата што гордо го носи неговото име.
Мисијата на нашиот патрон, Св. Климент Охридски е знаењето да се создава, да се пренесува и да остане наследство за идните генерации, а тоа е и мисија што Библиотеката продолжува да ја негува и денес.

Related Articles