Реномираниот режисер Дејан Пројковски, ја поставува Шекспировата „Бура“ на сцената на ХНК Сплит. Премиерата се очекува за 12-ти декември. Ова дело се смета за последната драма напишана од Вилијам Шекспир и се издвојува како едно од ретките дела во неговиот опус што имаат целосно оригинален заплет. Заедно со „Изгубениот љубовен напор“, таа е единствената Шекспирова драма за која не е пронајден директен книжевен извор. Иако се потпира на записи за поморски патувања од тој период – и содржи мотиви од други дела, како што се „Метаморфози“ од Овидиј, „Енеида“ од Вергилиј и есејот „За канибалите“ од Монтењ – „Бура“ е, пред сè, посебна и имагинативна творба, која е уникатно и автентично дело на самиот Шекспир. Како едно од неговите најкратки и најзагонетни дела, „Бура“ често се толкува и како Шекспировото збогување со театарот и со драмското творештво. За сезоната 2026/2027, Хрватскиот народен театар во Сплит најави десет премиери – меѓу кои „Кармен“, „Гркот Зорба“ и „Бура“ – како и две светски премиери на дела од домашни автори. Драмската програма носи пет нови наслови.
„Главниот критериум беше да се создаде репертоар што го задржува она што публиката го очекува од еден национален театар, а истовремено отвора простор за современи автори, нови толкувања и нова публика“, истакна в.д. интендантот Божо Жупиќ, додавајќи дека копродукциите овозможуваат уметничка размена, како и поисплатлива реализација на продукции што бараат обемни ресурси. Посебен акцент е ставен на програмите за помладата публика, како и на продолжување на соработката со училиштата и Универзитетот. Да се потсетиме Пројковски пред неколу години ја постави „Орестија“ токму во продукција на ХНК Сплит, претстава која ја доби највисоката награда за најдобра претстава во Република Хрватска. Се смета за едно од најважните и најреномираните признанија во целиот регион, а хрватските медиуми ја најавуваат како театарски Оскар. Дел од авторскиот тим на оваа претстава беа и македонскиот сценограф Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајкоски. Пројковски премиерно ја постави „Орестија“ на 64-то по ред „Сплитско лето“, на коешто се закити со главната награда за најдобро уметничко остварување – „ЈУДИТА“.
