Home » Промовирана книгата „Четворката на светлината – современи митови за храброст, добрина и чудесни патешествија“ од Игор Трајковски – Фоја

Промовирана книгата „Четворката на светлината – современи митови за храброст, добрина и чудесни патешествија“ од Игор Трајковски – Фоја

by culturalchat

Во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, се одржа промоцијата на најновото дело на Игор Трајковски – Фоја, „Четворката на светлината – современи митови за храброст, добрина и чудесни патешествија“, книга поддржана од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес.
Настанот привлече бројна публика – љубители на литературата, млади читатели, професори, уметници, културни работници и пријатели на авторот, создавајќи атмосфера исполнета со разговори за литературата, имагинацијата и местото на современата книга за деца и млади во македонската култура. Промоцијата ја отвори Гордана Такец, рецензент на делото, која се осврна на важноста на современата литература што успева да комуницира со младите генерации преку добрина, симболика и човечка топлина.
„Ова не е книга која се чита само еднаш. Со секое ново отворање, таа открива нови слоеви и нови светлини. Ретко се среќава дело што успева истовремено да им зборува и на децата и на возрасните“, истакна Такец, додавајќи дека книгата остава чувство на блискост и надеж кај читателот.
Во продолжение следуваше обраќањето на Марјан Тасевски, професор по македонски јазик и литература, кој низ едно длабоко и поетско читање на текстот ја отвори симболиката на четирите главни лика.
„Петтиот патник… камениот од, пламениот поглед, ветровитата мисла и водоносниот живот“, рече Тасевски, објаснувајќи дека токму преку овие четири патувања авторот создава современ митолошки свет кој нè враќа кон нашата најдлабока човечка суштина. Тој посочи дека во делото децата не се само ликови, туку носители на една исконска светлина и чистота:
„Во оваа книга, како во ретко кое современо дело, авторот нè води директно кон детскиот сон, кон нивните прашања, нивната љубопитност и нивното правично чувство за светот. Токму таа природна мистичност на детето е движечката сила на целото дело.“
Тасевски се осврна и на силната врска со природата која се чувствува низ целата книга:
„Кај Трајковски, човекот повторно станува дел од природата. Каменот, водата, огнот и ветерот не се само симболи – тие се живи состојби на духот. Оваа книга нè потсетува колку сме се оддалечиле од сопствената суштина и колку е важно повторно да се вратиме кон љубопитноста, грижата, љубовта и светлината.“
Особено силен впечаток кај присутните остави неговата мисла дека ликовите Петар, Лидија, Марко и Филип „не се ликови на апокалипсата, туку вечни создавачи“, додавајќи дека токму преку нив авторот испраќа порака дека секое дете носи можност за нов почеток. По неговото излагање, пред публиката се обрати и Сашо Огненовски — писател, театарски критичар и комуниколог, кој направи интересна паралела помеѓу ова дело и „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери. Огненовски истакна дека силата на оваа книга лежи токму во нејзината едноставност и искреност.
„Да се пишува едноставно за големи теми — е една од најтешките работи во литературата“, нагласи тој, додавајќи: „Има автори кои создаваат книги, а има автори кои создаваат светови. Игор Трајковски – Фоја е токму еден од оние автори што создаваат светови.“

Во своето обраќање, авторот Игор Трајковски – Фоја им се заблагодари на присутните, истакнувајќи дека секоја книга живее токму преку луѓето што ја читаат.
„Без публиката, литературата останува само тивок запис. Читателите се тие што му даваат живот, светлина и насока на секое дело“, рече Трајковски. Тој упати благодарност до промоторите и рецензентите за нивното внимателно и длабоко читање на книгата, особено нагласувајќи ја важноста на луѓето кои секојдневно работат со младата публика и ја разбираат нејзината чувствителност и потреба од вистински приказни. Во своето завршно обраќање, м-р Емилија Стефановска Давкова, директорка на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, изрази задоволство што библиотеката повторно е домаќин на промоција на дело од Игор Трајковски – Фоја, посочувајќи дека станува збор за еден од најактивните современи автори кај нас. Таа истакна дека особено радува фактот што станува збор за книга наменета за деца и млади, токму публиката која претставува значаен дел од стратегијата за културно делување на библиотеката и институциите што работат на развој на читачката култура.

Во рамки на настанот беа изложени и авторски графики и илустрации од книгата, дело на самиот автор, кои визуелно го продолжуваат наративот и отвораат дополнителен простор за читање и толкување. Промоцијата заврши со разговори со публиката, фотографии и голем интерес за делото, кое уште со своето прво претставување се наметна како едно од позначајните современи изданија за деца и млади во македонската литература.

Related Articles