Home » Претставена изложбата „Дама со девет камења“ на Иванчо Талевски во Битола

Претставена изложбата „Дама со девет камења“ на Иванчо Талевски во Битола

by culturalchat

На Новата сцена при НУ Центар за култура – Битола, беше отворена изложбата „Дама со девет камења“ на Иванчо Талевски во соработка со Васко Дуковски.
Следниот ден, Талевски одржа предавање и анализа посветени на состојбата со изгубените цртежи на Марко Цепенков и патешествието на овој проект. „Дама со девет камења“ е истражувачки мултимедијален изложбен проект кој преку имагинативен разговор оддава важност и го комплицира значењето на изгубените цртежи на еминентниот собирач на народно творештво, Марко Цепенков. Преку цртеж, графика, проекции и звук, проектот го елаборира и го продлабочува поимувањето на минатото како материјал, со цел да евоцира прашања околу индивидуалната и колективната меморија, историја и припадност, нивното бележење, опстојување и бришење. Цртежот во овој изложбен проект се третира како јазик кој фигурира како кревок опис при бележењето и интерпретацијата на историските и општествените процеси.Во проектот, исклучителниот музичар и композитор, Васко Дуковски, кој живее и работи во Шангај, преку свои исцртани музички нотации базирани врз избрани цртежи од Цепенков презентира звучен и визуелен материјал кој ќе биде представен како дел од овој проект.
Изложбениот проект на Нова сцена при НУ Центар за култура – Битола претставуваше адаптација и нова обработка на творештвото кое беше претставено пред публиката во МАНУ како академски труд во 2020 година, во Националната галерија „Чифте амам“ во Скопје во 2022 година и во Центарот за графика во Филаделфија, САД, во септември 2021 година.

Related Articles