По повод одбележувањето на Денот на македонската независност, 8 септември, под наслов „Македонски оскаровци“, Македонскиот културно информативен центар во Загреб, го започна патувачкиот Фестивал на македонски филм. Синоќа беа прикажани филмовите „ДАЕ” на режисерот Столе Попов и МЕДЕНА ЗЕМЈА на режисерката Тамара Котевска.
Со проекцијата МАКЕДОНСКИ ОСКАРОВЦИ се истакнува спојот на традицијата и современоста на македонската кинематографија, како и нејзиното значење на светската сцена. Со оваа проекција МКИЦ го најави второто издание на патувачкиот Фестивал на македонски филм, кој оваа година е посветен на македонскиот документарен филм, а ќе се одржи во 12 градови низ Република Хрватска во текот на месеците септември и октомври. Публиката ќе има можност да ужива во значајните филмски достигнувања на македонските режисери и да ја почувствува важноста на македонската кинематографија и македонското филмско наследство.
