Офицерскиот дом во Битола беше локација на настан што ја потврди растечката култура на виски во Македонија. По неколку успешни изданија во Скопје, каде што традиционално се одржува во хотелот Мериот, Виски фестивалот организиран од Боттега Ивенти за првпат излезе надвор од главниот град, избирајќи ја Битола како втора дестинација. Настанот покажа дека публиката надвор од Скопје е подготвена за ваков тип искуства и тоа на високо ниво.

Амбиентот на Офицерскиот дом се покажа како природен избор за ваков концепт. Просторот, со својата архитектонска елеганција и историска тежина, овозможи внимателно креирана атмосфера која ја надгради основната идеја на фестивалот промоција на вискито не само како пијалак, туку како култура. Настанот се одвиваше на повеќе нивоа, со различни амбиентални целини што овозможија динамично, но избалансирано движење на посетителите. Внатрешниот дел понуди простор за дегустација и разговор, додека дворот беше уреден како дополнителна зона за релаксација и неформална интеракција.

Посебен акцент беше ставен на музичката програма, која внимателно ја следеше концепцијата на настанот. Настапот на Давид Скерлевски внесе суптилна џез атмосфера, додека диџеј сетот на Александар Јорданов обезбеди современ ритам без да ја наруши елегантната линија на вечерта. Фестивалот обедини селекција на виски брендови претставени преку домашните водечки импортери, кои во последните години активно работат на развој на оваа култура во Македонија. Преку директна комуникација, дегустации и едукација, посетителите имаа можност да се запознаат со различни стилови, региони и процеси на производство. Организаторите од Боттега Ивенти со овој настан уште еднаш ја потврдија својата улога во развојот на современата урбана културна сцена, поставувајќи стандарди за ваков тип на настани во земјата.

Првото издание во Битола не само што ја оправда довербата, туку и покажа дека ваквите формати имаат потенцијал за понатамошно ширење и развој. Со внимателно курирана програма и публика која покажува растечка свесност и интерес, виски фестивалот продолжува да ја гради својата позиција како значаен културен настан во Македонија.


