Во деновите кога Битола живее со фестивалот „Илинденски денови“, пристигна најубавата потврда за вредностите што овој фестивал ги негува повеќе од половина век. КУД „Илинден“ од Битола го освои второто место во категоријата автентичен фолклор на World Folk Dance Competition во Истанбул, во конкуренција на 41 ансамбл од целиот свет.
Само неколку дена по ова големо меѓународно признание, ансамблот ќе застане пред својата публика. Во рамките на 56. „Илинденски денови“, вечер со почеток од 20.30 часот, на платото пред Офицерскиот дом Битола, КУД „Илинден“ ќе го одржи концертот „Џумбиш“ вечер во која светските вицешампиони во автентичен фолклор ќе ја споделат својата уметност токму таму каде што отсекогаш ѝ припаѓала, дома, пред битолчани. Постојат зборови што не можат да се преведат. „Џумбиш“ е еден од нив.
Може да биде концерт. Но повеќе е состојба на духот. Момент кога музиката, играта и публиката дишат во ист ритам. Кога аплаузот станува дел од кореографијата, а сцената … место каде што традицијата не се чува, туку се живее. „Џумбиш“ е покана да се почувствува таа енергија. Да се слушне звукот на Македонија, да се види убавината на носијата и да се потсетиме дека фолклорот не припаѓа на минатото … туку на секој што ќе седне во публиката.
Понекогаш најголемите признанија пристигнуваат од светот.
Но најубавиот аплауз секогаш доаѓа од својот град.
Дојдете да ги поздравиме светските вицешампиони и заедно да ја прославиме македонската традиција.
