Турскиот театар – Скопје гостуваше на тринаесеттото издание на МИТЕМ во Будимпешта со претставата „Амадеус“ во режија на Андреј Цветановски. МИТЕМ важи за еден од најзначајните европски театарски фестивали, на чија сцена низ годините гостувале врвни автори и режисери, како: Роберт Вилсон, Ејмунтас Некрошјус, Силвиу Пуркарете, Теодорос Терзопулос и Диана Добрева.
„До тимот на фестивалот 13.МИТЕМ упатуваме искрена благодарност за срдечниот прием и гостопримството, како и за фотографиите што ги споделија со нас. Посебна благодарност изразуваме за внимателно подготвениот спомен-подарок што ни беше врачен за време на нашата посета. Со особено задоволство очекуваме можност за повторна средба и понатамошна соработка во блиска иднина“, истакнуваат од Турски театар. Претставата на Петер Шафер минатата година беше изведена во рамките на драмскиот дел на „Охридско лето“.
„Во полето на музиката, еден од малкуте кои го задолжиле човештвото со своите композиции и оставиле печат на своето време е Волфганг Амадеус Моцарт. Но не и признание од своите современици. Освен од еден. Антонио Салиери, неговиот вечен непријател, е единствениот човек кој ја препознава неговата генијалност. И заради таа генијалност, тој станува негов најголем непријател. Салиери, го носи проклетсвото да ја познава музиката толку добро да може да го препознае божественото во Моцарт, но никогаш да не создаде нешто толку совршено. Талентот и разумот не се сврзани еден со друг и не се развиваат секогаш заедно и не треба да се бараат заедно. Во целиот обид на претставување на тоа е и нашата работа во оваа претстава и славење на талентот и разумот како два различни принципи. Борбата на овие две работи е вечна и универзална“, вели режисерот Цветановски. Улогите во претставата ги толкува бројна актерска екипа со Селпин Ќерим, Јеткин Сезаир, Слаѓана Вујошевиќ, Аксел Мехмет, Џенап Самет, Бурханедин Ибрахим, Емине Халил, Озан Илдриз и Игбал Саидова. Ова е второ последователно учество на Турскиот театар од Скопје на фестивалот, по минатогодишниот настап со „Слепци“ во режија на Кендрим Ријани. По одличниот прием и позитивните критики, театарот повторно доби покана за учество. Со ова гостување претставата го започнува своето интернационално патување.
Фотографии: МИТЕМ и Турски театар




