Home » Австриската вечер на „Охридско лето“ донесе концерт за четирирачно пијано што долго ќе се памети

Австриската вечер на „Охридско лето“ донесе концерт за четирирачно пијано што долго ќе се памети

by culturalchat

Љубителите на класична музика вчеравечер на „Охридско лето“ имаа несекојдневно музичко доживување со концерт за четирирачно пијано на Денис Расел Дејвис и Маки Намекава.  Незаборавната Австриска вечер беше поддржана од Австриската амбасада во земјава и амбасадорот Мартин Памер.Светски познатото дуо изведе дела од класични и современи  автори, продолжувајќи ја својата успешна меѓународна кариера која ги носи на најпрестижните фестивали и концертни сали низ САД и Европа. Австриската вечер на „Охридско лето“ започна со увертира од Моцартовата опера „Магичната флејта“, а продолжи со две арии од првиот и вториот чин на операта. Потоа следуваше маестрална изведба на „Влтава“ од чешкиот композитор Беджих Сметана , едно од шесте композиции во неговиот славен циклус „Од мојата татковина“.-Иако оригиналното дело е напишано за оркестар, ние направивме аранжман за четирирачно пијано  кое звучи невројатно убаво, но е  премногу тешко за изведба, појасни реномираниот американско-австриски пијанист Денис Расел Дејвис.

Фестивалската публика исто така уживаше и во совршената изведба на „Фантазија во ф-мол“, едно од најубавите дела на Франц Шуберт напишано за пијано четири раце. Прекрасната  Австриска вечер на која се слушаше само совршена изведба на четирирачното пијано под сводовите на „Света Софија“ и долги ракоплескања за уметниците, беше заокружена со три дела за четитирачно пијано од композиторот Филип Глас кој е близок пријател на пијано дуото. Тоа беа прелудиуми од оперите „Орфеј“ и „Патување“, како и неговото оригинално дело „Стоукс“. Освен што настапуваат заедно, двајцата уметници имаат успешни индивидуални кариери  како пијанисти, а Денис Расел Дејвид и како диригент.

-Јас сум и диригент и пијанист, а мојата сопруга  Маки Намекава  е пијанист. Вечерва заедно настапуваме на овој прекрасен концерт во преубавата црква „Света Софија“. Ова е прва наша посета на Охрид и многу сме импресионирани од  тоа како бевме пречекани.  Охрид е прекрасен град и се надеваме дека  пак ќе се вратиме овде, ни изјави  Денис Расел Дејвис.За пијано дуото Денис Расел Дејвис – Маки Намекава дела пишуваат композиторите Филип Глас („Четири става за две пијана“) и  Чен Ји („Западна кинеска свита“), а Филип Глас исто така го пишува делото „Два става за четири пијана“ кое двајцата врзвни уметници го изведуваат со сестрите Катја и Марија Лабек. Во 2019 година јапонскиот композитор Џо Хисаиши им го посветува делото „Варијација 57“ за пијано дуо и камерен оркестар.

Related Articles