Home » „Skopje Via“ ја разигра и распеа Старата битолска чаршија во рамките на 20.јубилеен „Локум Фест – Музика и традиција“

„Skopje Via“ ја разигра и распеа Старата битолска чаршија во рамките на 20.јубилеен „Локум Фест – Музика и традиција“

by culturalchat

Старата битолска чаршија синоќа беше местото каде се играше и пееше, каде се создаде една прекрасна атмосфера под отворено небо, за која се погрижија членовите на „Skopje Via“, новата музичка сензација на овие простори, етно акустичен состав со препознатлив џипси џез звук. Се работи за група која го спојува традиционалниот џипси џез со современиот урбан звук, создавајќи автентична музика што ја освојува публиката. Тие настапија во рамките на 20. јубилеен „Локум Фест – Музика и традиција“. Минатата година ја промовираа својата прва авторска песна ,,Под ова небо”. Овој уникатен бенд комбинира и театарска експресија и современ балкански звук. „Skopje Via“ е проект зад кој стојат музичарот Мишел Трајковски и актерката и вокалистка Јана Стојановска, а членови на бендот се и: Хилми Баки (виолина), Никола Петрушевски (кларинет), Влатко Пате (ударни инструменти), Кирил Златановски (бас-гитара) Ташко Грујоски – гитара и Васил Потиров – (гитара), музичари кои со својата енергија и врвна изведба ја освоија битолската публика.„Секогаш ми е драго да дојдам во Битола. До идејата за „Скопје Виа“ дојде одамна, почна со „Цигани летаат во небо“. Имаше еден фантастичен музичар таму. Многу ме привлече таа музика. Години подоцна го запознав Мишел Трајковски. Јас бев дел од неговиот спот „Тарантино Џез“. Го замолив да пробаме да направиме еден автентичен македонски бенд кој што ќе биде џипси бенд, кој што исто така ќе обработува и македонска етно музика, но и наша авторска. Една година веќе функционираме како бенд. Полека самиот бенд се движи и се отвараат вратите сами по себе. Знаете како е, ќе работиш, ќе создаваш, ако го правиш со љубов, се гледа и навистина почнаа да се отвараат убави врати, како во Бугарија, во Унгарија и сл. Веќе одиме сега на Нишвил. Се трудиме да направиме една убава македонска приказна која што сакаме да ја користиме за светски пазари“, ни изјави Јана Стојановска и додава: „Многу ни е драго што сме дел од овој фестивал, од 20.издание. Ајде да славиме и 40 изданија заедно“.Воодушевен од Битола е и Мишел Трајковски.

„Прва година сме на Локум фест и многу сум среќен што ете за прв пат во срцето на Старата битолска чаршија настапуваме. Отсекогаш Битола имала прекрасна публика и се познати како љубители на добра музика“. Бендот приреди концерт исполнет со емоција, виртуозност и силна сценска енергија, а публиката пееше и играше заедно со нив.Фестивалот е една од ретките манифестации која доследно се држи до јавниот карактер и е не се приклонува кон естрадизација на културата. Се одржува на јавни простори и е проект од национално значење финансиран од Министерство за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува во рамките на Бит фест 2026 г. Настанот го модерираше Силвана Петрова Насух, која даде посебна нота на целата атмосфера.Музичката приказна продолжува и вечерва. На сцената во старата битолска чаршија ќе настапат Били Естебан и Александар Јовевски, со етно проектот „Кафе де Анатолија“, проект на органик хаус музика со етно елементи. Музичарите соработуваат со над 4000 диџеи и продуценти од целиот свет и нивниот каталог содржи над 6000 музички композиции. „Кафе де Анатолија“ е најнаградуваната издавачка куќа на Јутјуб со 31 Creator award. Нивните живи настапи се повеќе од само изведба, тоа е прослава на традицијата, иновацијата и универзалниот јазик на музиката.Следува настапот на една од најпознатите балкански етно групи – Divanhana од Босна и Херцеговина.  Основан е во 2009 година во Сараево од студенти на Музичката академија при Универзитетот во Сараево, со идеја традиционалната босанска севдалинка да ја претстават во современо музичко руво, инспирирано од џезот, класичната и светската музика. Во 2023 година, британското списание Songlines ги прогласи Divanhana за „Best Group“ на Songlines Music Awards, што претставува едно од најголемите меѓународни признанија за традиционалната музика од Босна и Херцеговина. Со својата врвна музичка изведба, емотивен вокал и препознатлив сценски израз, Divanhana денес е еден од најважните амбасадори на босанското музичко наследство на светската сцена. Оваа вечер ќе ја заокружи лајв сетот со DJ Били Естебан.

Фото: Сашо Ставрев

 

 

Related Articles