Home » Изложбата „Торза“ на вајарот Андреј Митевски наскоро во КИЦ Офицерски дом Битола

Изложбата „Торза“ на вајарот Андреј Митевски наскоро во КИЦ Офицерски дом Битола

by culturalchat

На 31 август, со почеток во 20:00 часот, во Офицерскиот дом во Битола, ќе биде отворена изложбата „Торза“ на вајарот Андреј Митевски на која ќе бидат прикажани шестнаесет скулптури избрани од неговиот нов циклус посветен на торзото.
Во скулптурите на Андреј Митевски, женското торзо се појавува како издвоена форма во која телото е истовремено присутно и отсутно. Она што недостасува не создава празнина, туку го активира погледот и ја поттикнува имагинацијата на гледачот да ја замисли целината. Овие торза не се само претстава на женското тело, туку потрага по неговата безвременска суштина. Во нив се препознаваат асоцијации на праисториските Венери, симболи на животот, плодноста и создавањето, но и на античкиот идеал на мерата, хармонијата и пропорцијата.
Во творештвото на Митевски, потрагата по убавината и формата се изразува на различни начини. Некои торза се доближуваат до класичниот идеал на хармонично и прочистено тело, додека други ја напуштаат идејата за совршенство и ги оставаат видливи несовршеностите, неправилностите и трагите на времето врз самиот камен. Сензуалноста на торзата произлегува од самата форма – од ритамот на линијата, меките премини, односот меѓу испакнатото и вдлабнатото и светлината што се прелева по мермерната површина. Во нив убавината не е претставена како совршенство на телото, туку како внатрешна состојба – убавина што го надминува времето, ја надминува материјата и продолжува да живее во погледот на оној што ја гледа.

Related Articles