Прва награда од публика и победник на фолк вечерта на годинешното издание на Охрид фест – Охридски трубадури, освои Анета Љумаковска, со својот „Анета Бенд“за песната „Срцево те бендиса“. Со препознатливата енергија, музичкиот темперамент и одличната интерпретација, Анета и бендот оставија силен впечаток кај охридската публика.
„Ова признание за нас е уште една потврда дека љубовта, трудот и посветеноста кон музиката секогаш го наоѓаат својот пат. Благодарност до целиот тим, организаторите на Охрид Фест, композиторите на оваа песна, до сите кои веруваа во нас, ни дадоа поддршка и беа дел од ова прекрасно музичко патување. А најголемо благодарам до вас, нашата публика – без вашата љубов и поддршка, секоја награда би била помалку вредна. Охрид, оваа ноќ ќе ја паметиме засекогаш“, изјавија Анета и нејзиниот бенд. Музиката и аранжманот на песната се на Зисо Пуровски, текстот Анита Даева.
Под светлата на најубавата фестивалска сцена покрај Охридското Езеро, се одржа 33-тото издание на најдолговечниот летен музички фестивал во Македонија. Триесет и три години „Охрид Фест“ е место каде што се создаваат музички спомени, се раѓаат хитови и се испишуваат едни од најубавите страници од македонската музичка историја. И оваа година сцената на Долни Сарај беше домаќин на најдобрите претставници на македонската фолк музика: Перо Христов, Кате Брезева и група Соната, Елена Андоновска, Мишко Крстевски, Смиља Митревска, Благица Калева, Горан Тодоровски, Анета Љумаковска и Анета Бенд, Драган Николовски – Даце, Петар Нечовски, Ивана Серафимова, Ангела Влинтовска и уште многу познати музички имиња. Првата награда од стручното жири на Фолк вечерта отиде кај Милован Секуловски и група Сарај, наградата за најдобар дебитант кај Ангела Влинтовска, награда за интерпретација доби Блага Петреска, најтрубадурска песна е „Цвет среде зима“ на Мирко Вратоски, наградата „Аце Ангелески“ отиде кај Лазе Секуловски, наградата од акредитирани новинари отиде кај Нино Величковски. Фестивалот продолжува денес со Интернационалната вечер и гостите од Балканот.


