„Во Битола доаѓа човекот кој е познат на светско ниво како автор на екстремно квалитетни слики како директор на фотографија и умешно ја корсити светлината, но повеќе е познат по тоа што ја користи темнината, односно сенките. Човек кој во Битола ќе ја донесе атмосферата на трилерот, бидејќи тој ги изработи најдобрите трилери во светската кинематографија- Џеф Кроненвет е годинашен лауреат на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во филмската уметност, најави на денешната прес-конференција директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.

Како автор на некои од највпечатливите и највлијателните визуелни ремек-дела во современата кинематографија, Кроненвет донесе револуција во филмскиот јазик. Неговата долгогодишна, култна соработка со режисерот Дејвид Финчер ни ги подари антологиските кадри во филмовите како Боречки клуб (Fight Club), Социјална мрежа (The Social Network), Исчезната (Gone Girl) и Девојката со тетоважа на змеј (The Girl with the Dragon Tattoo), кои му донесоа и две номинации за Оскар. Познат како вистински „мајстор на светлината и сенките“, Кроненвет е пионер во дигиталната ера на кинематографијата. Тој успеа да го доведе дигиталниот формат до совршенство, користејќи прецизна психологија на кадарот каде што секое движење на камерата и секој зрак придушено светло директно ја отсликуваат внатрешната состојба и тензија меѓу ликовите.
Мајсторот на светлината, сенките и супериорната дигитална естетика доаѓа во Битола за да го прими највисокото признание и да застане рамо до рамо со великаните на светската кинематографија. Со доделувањето на ова признание, Кроненвет се приклучува на клубот на великаните на светската кинематографија кои ја понеле Специјална Златна камера 300 со што Битола уште еднаш цврсто се позиционира како центар на светската филмска уметност.
Свеченото врачување на наградата ќе се одржи во рамките на претстојното издание на фестивалот во Битола кога на Дан Лаустен и Џеф Кроненвет ќе ги примат наградите.
Доксевски годинава го најави присуството и на бројни значајни филмски имиња, меѓу кои Јануш Камински, полско-американски кинематографер и двоен оскаровец, кој е добитник на Златна камера 300 на ИФФК „Браќа Манаки“, но никогаш не дојде во Битола и годинава ќе ја имаме можност и Камински да биде дел од свеченото отворање на Фестивалот.

