Home » Со концертот на хорот ПРО АРС во Загреб започнува програмата за одбележување на Денот на независноста на Македонија во Хрватска

Со концертот на хорот ПРО АРС во Загреб започнува програмата за одбележување на Денот на независноста на Македонија во Хрватска

by culturalchat

Македонскиот КИЦ во Загреб организира богата и разновидна културна програма со која во текот на септември, со преку десетина настани, ќе ја одбележи 35-годишнината од независноста на Македонија.

„Оваа годишнина е прилика заеднички да го прославиме долгогодишното пријателство, културната поврзаност и соработката меѓу Македонија и Хрватска“, ни изјавија од МКИЦ. Програмата свечено ќе биде отворена заедно со македонската Амбасада во Хрватска со гала концерт на македонска хорска музика на меѓународно реномираниот професионален хор ПРО АРС, под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, чии изведби на посетителите ќе им донесат незаборавно музичко доживување. Покрај концертот, во Хрватскиот државен архив ќе биде поставена и ексклузивна изложба на Државниот архив на Македонија, под наслов АРХИВСКИТЕ ДОКУМЕНТИ – СТОЛБ НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ, која преку документи и архивска граѓа ќе го претстави историскиот пат на Македонија до независноста.
Програмата продолжува со филмската проекција МАКЕДОНСКИ ОСКАРОВЦИ во ДОКУКИНО КИЦ, со која свечено се најавува второто издание на патувачкиот Фестивал на македонскиот филм. По проекцијата, Фестивалот продолжува во текот на целиот септември и октомври, гостувајќи во повеќе од 10 хрватски градови, претставувајќи ја македонската кинематографија до публиката низ цела Хрватска.Културната размена ќе ја надополни и POETIC BRIDGE FESTIVAL, меѓународен поетски фестивал на кој Македонија ќе ја претставува истакнатата поетеса Сузана В. Спасовска, придонесувајќи кон дијалогот и поврзувањето преку поезијата и уметничкиот збор.
„Следете нè за заеднички да ги одбележиме 35 години независност со врвна културно-уметничка програма“, додаваат од МКИЦ во Загреб.

Related Articles