Home » „Секој концерт тука за мене е голема чест и враќање кон местото каде што започна мојот музички пат“, пијанистката Нелоска по концертот во Битола

„Секој концерт тука за мене е голема чест и враќање кон местото каде што започна мојот музички пат“, пијанистката Нелоска по концертот во Битола

by culturalchat

Во КИЦ Офицерски дом – Битола, младата пијанистка Аница Нелоска одржа концерт кој претставуваше внимателно обликувана музичка вечер исполнета со избрани дела од Ј. С. Бах, Р. Шуман и македонскиот композитор Д. Бужаровски. Програмата ги обедини трите големи стилски епохи, нудејќи ѝ на публиката богато и разновидно звучно доживување – од барокната јасност, преку романтичната експресија, до современиот музички јазик. Како специјален гостин настапи и пијанистката Мартина Пачоова, студентка во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска.„Се чувствувам навистина среќно и исполнето по концертот, пред сè затоа што имав можност да го реализирам токму во Битола, пред публика која долги години го следи мојот музички развој. Тоа за мене има посебна вредност и значење. Иако програмата претставуваше сериозен музички и технички предизвик, задоволна сум од начинот на кој ја пренесов музиката на сцената. Особено ми значи што емоцијата што ја вложив успеа да допре до публиката и да се сподели во тој заеднички концертен момент“, ни изјави Аница.

Таа е родена во Битола и уште од шестгодишна возраст го започнува своето музичко патување со инструментот пијано. Основното и средното музичко образование ги завршува во Државното музичко училиште во Битола, во класата на проф. м-р Верица Дивитарова, каде матурира во 2024 година. Во текот на своето образование активно учествува на бројни државни и меѓународни натпревари, освојувајќи високи награди и признанија. Токму затоа за неа настапот во Битола има посебно значење.

„Овој град има публика која знае да ја слуша и цени класичната музика со внимание и искрена љубов. Секој концерт тука го доживувам како голема чест, но и како едно лично враќање кон местото каде што започна мојот музички пат. Токму во Битола ги имав моите први настапи уште од најрана возраст, како и првите целовечерни концерти за време на моето образование во Државното музичко училиште. Затоа, секое ново појавување пред битолската публика носи и доза на емоција и благодарност. Посебен придонес има и просторот на Офицерскиот дом, чија атмосфера и убавина му даваат на концертот една дополнителна уметничка димензија и го прават доживувањето уште повпечатливо“.
Благодарност истакнува за образованието, професорите на Државното музичко училиште во Битола.
„Навистина сум многу благодарна за целото образование, искуство и знаења што ги стекнав во Државното музичко училиште во Битола. Професорите работат со голем интензитет, напредна програма и висока стручност и професионалност, поставувајќи цврсти темели на знаење кај секој ученик. Редовното учество на семинари, натпревари и концерти, кои ми ги овозможи училиштето, беше од исклучително значење за мојот развој и за моето подлабоко разбирање на класичната музика. Особена благодарност упатувам до мојата професорка по пијано, проф. м-р Верица Дивитарова, која несебично се вложуваше во мојот напредок. Таа ми пренесе не само љубов кон музиката и високо ниво на стручност, туку и важна дисциплина во вежбањето и работата. Благодарна сум за нејзиното влијание во моето оформување не само како пијанист, туку и како личност“.Аница настапи во Рим, Италија, заедно со нејзиниот колега Горјан Стојановски, на концертот за четирирачно пијано.
„Концертот се одржа како дел од летниот музички фестивал „Festival Musicale delle Nazioni“, во прекрасниот амбиент на Teatro di Marcello. На програмата беа дела од Е. Григ, К. М. фон Вебер, П. Маскањи, Џ. Пучини, како и од македонскиот композитор Д. Бужаровски. Овој настап за мене има особено значење, пред сè за соработката со пијанистот Стојановски, но и бидејќи за прв пат имав можност да настапувам пред италијанската публика. По овој концерт, веднаш започнувам со подготовка на нов репертоар, исполнет со нови музички предизвици, кои ќе бидат дел од моите наредни солистички концерти, како и идни соработки со колеги“.
Како солист и камерен музичар настапува на повеќе значајни концертни манифестации, меѓу кои „Шопенова вечер“, „Слободна среда“, „Музика Вива“, како и на годишни и јубилејни концерти. Одржува и свои целовечерни солистички рецитали во повеќе градови низ Македонија, а својата уметничка надградба ја збогатува преку учество на мастер-класови кај истакнати пијанисти и педагози, меѓу кои Симон Трпчески, Марија Ѓошевска, Тодор Светиев, Олга Здоренко, Катарина Крпан и Цветанка Созовска. Во 2026 година го остварува своето деби со оркестар, настапувајќи со Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски, со концерти во Скопје и Ниш, по повод 60-годишниот јубилеј на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Моментално е студент на вторa година од прв циклус студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Факултетот за музичка уметност, во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска.„Класичната музика е присутна во мојот живот уште од моментот кога официјално го започнав моето музичко образование, но сметам дека нејзината вистинска длабочина и значење почнав да ги осознавам многу подоцна, низ процесот на созревање како уметник. За мене, класичната музика претставува спој на знаење, дисциплина и уметничка мајсторија. Таа зад себе носи богато наследство, длабока естетика и поврзаност со повеќе уметнички форми, што бара постојано истражување, надградување и посветеност. Посетувањето на концерти на големи уметници пијанисти и слушањето на нивните изведби на класични дела со една огромна восхит и помислата дека и јас се занимавам со истата професија претставуваат најголем стимул и мотивација, јас да продолжам да ја проучувам и да се занимавам со класичната музика“, додава Нелоска за крај.

Концертот во Битола беше поддржан од Министерството за култура и туризам на Р.Македонија.

Фотографии: Сашо Ставрев и приватна архива на Нелоска

 

Related Articles