Во рамките на годинашното издание на Фестивалот за балкански и медитерански филм „Преку езерото“, во изминатите два дена во просториите на „ЕУ хаус“ (EU House) во Струмица и во Дојран се одржа стручна работилница на тема „Вештачката интелигенција во филмот“. Настанот, кој предизвика голем интерес кај филмските професионалци и ентузијасти, беше реализиран со финансиска поддршка од програмата „Креативна Европа“.На работилницата се говореше за иднината на кинематографијата под влијание на вештачката интелигенција, како и за трансформацијата на филмските професии. Главни говорници на настанот беа Милош Џукелиќ, филмски продуцент од Србија, Момчило Алексиев, експерт од Бугарија, и Наташа Димитриевска од Канцеларијата на Креативна Европа во Македонија.
Српскиот продуцент Милош Џукелиќ порача дека филмските креативци не треба да чувствуваат страв од новата технологија, туку треба да ја искористат вештачката интелигенција како моќно орудие во својата работа.
„Сигурно ќе се промени состојбата во филмот, многумина ќе ја загубат работата, но победници на овој процес на користење на вештачката интелигенција ќе бидат оние кои ќе успеат да се прилагодат и кои ќе научат да ја користат и како креативно средство, но и како помагало. Тоа е всушност една совршена алатка доколку умееме да ја користиме, но и мошне опасна доколку не умееме. Би ја споредил со огнот кој може да запали нешто, а човекот, пак, кога го открил огнот завладеал со светот – така е и со вештачката интелигенција“, изјави Џукелиќ.
Во однос на неизвесноста што ја носи брзиот технолошки напредок, бугарскиот експерт Момчило Алексиев истакна дека иако е тешко точно да се претскаже иднината, филмската уметност дефинитивно ќе опстане, но со променети процеси на работа.
„Како и секоја нова технологија, и вештачката интелигенција доаѓа со прашањето дали ќе исчезнат некои професии или ќе се појават нови. Од денешен аспект може да се рече дека ќе се променат некои професии и некои процеси на работа. Ова е најточното што може да го кажеме во овој момент, бидејќи условите и технологијата напредуваат толку брзо што е тешко да се претскаже. Јас сум оптимист во поглед на тоа дека киното ќе остане кино и ќе гледаме филмови, макар биле снимени и со вештачка интелигенција. Но, сепак зависи од нас дали ќе финансираме такви процеси, како ќе ги регулираме и на кој начин ќе се пристапува кон неа“, заклучи Алексиев. Работилницата успешно ги отвори клучните прашања за креативниот потенцијал, етиката, регулацијата и финансирањето на проекти кои користат AI алатки, потврдувајќи дека адаптацијата кон новите технологии е клучна за идниот развој на регионалната кинематографија.
