Денес во Народниот театар Битола се одржа прес-конференција по повод претстојната премиера на претставата „Госпоѓа Бовари“, од Гистав Флобер, во режија на Дејан Пројковски, која ќе биде изведена на 25 јуни во 20:00 часот на сцената на Народниот театар Битола. Пред претставниците на медиумите се обрати директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски.
„ Премиерата е дел од Бит Фест оваа година, со поддршка од КИЦ Битола и Општина Битола, на што сум особено благодарен, бидејќи Општината сè уште стои зад националните установи со финансиска поддршка. Сметам дека централната и локалната власт треба заеднички да вложуваат напори за културата да може да функционира. Според моето лично мислење, бидејќи ги следам културните лета во другите градови, без да потценувам никого, мислам дека Битолското културно лето е на највисоко ниво – најдобро, најдолго, најорганизирано, и што е најважно, нуди настани со врвен квалитет кои вреди да ги проследи битолската публика, како и сите што се наоѓаат во Битола во моментов“.

Тој истакна дека му претставува огромна чест и задоволство што режисерот Дејан Пројковски е дел од најновата продукција на театарот.
„Со Дејан Пројковски имаме заедничка историја. Тој е многу актуелен режисер. Имавме периоди кога работевме на различни места, но ја споделувавме историјата, а сега повторно создаваме заедничка приказна. Заедно сме од средината на деведесеттите години и многу ми е драго што израсна во еден од најголемите режисери. Такви луѓе веќе се бројат на прсти. Тој е еден од најдобрите режисери во нашата држава и во регионот, и за мене е голема чест и задоволство што повторно го имаме на сцената на Битолскиот народен театар“.
Мавровски се осврна и кон реализираните проекти во изминатиот период.
„Во првото полугодие од оваа година, односно во двата квартали, реализацијата на буџетот што го добивме и делегиран буџет за Народниот театар од Битола е 67%, што е навистина висока бројка. Имаме пет премиери во овие шест месеци. За време на фестивалот во Романија, Народниот театар од Битола официјално стана основач и член на новата Балканска асоцијација на театри и фестивали, што се надевам дека ќе ни отвори нови врати и ќе донесе нови соработки во иднина. На 10 јули ќе се видиме на уште една прес-конференција, посветена на следната премиера во режија на Џон Блондејл, со која на 15 јули ќе имаме македонска премиера на Охридско лето, а на 21 јули светска премиера во Верона, на Верона Шекспир Фестивалот“.
На прес-конференцијата се обрати и самиот Дејан Пројковски, кој упати искрена благодарност до Народниот театар Битола и до директорот за поканата и довербата да ја реализира оваа претстава. Тој не ја криеше благодарноста ниту кон актерската и техничката екипа, истакнувајќи дека зад претставата стои огромна посветеност, труд и љубов кон театарот.
„Госпоѓа Бовари“ носи со себе некои вечни теми и прашања. Мислам дека „Госпоѓа Бовари“ е некаков женски „Хамлет“. Тоа е женскиот поединец кој се спротивставува на системот, на општествените и моралните рамки што ги создаваме и кои се дел од сите нејзини проблеми, додека системот се обидува да ја вовлече да биде дел од тие лажни вредности.
Самата претстава зборува за слободата на личниот избор. Момо Капор вели дека слободата треба да ја земаме онолку колку што сме подготвени да ја платиме цената за неа. Говорам за личната слобода и за личниот избор. Госпоѓа Бовари во претставата го минува својот пат, каде што е растегната меѓу телото и душата, меѓу телото и страстите што ја влечат надолу, на земјата, во калта, и од друга страна, душата што се обидува да гледа кон небото, да го бара Бог и повисоката смисла на постоењето. Во тоа растегнување меѓу телото и душата, Госпоѓа Бовари е како затегната жица на гитара или харфа, која пука пред нашите очи. Има еден аргентински поет што вели дека разликата меѓу обичниот и совршениот звук е во еден полутон; дека така е и во животот. Разликата меѓу доброто и лошото, или меѓу ангелското и ѓаволското, е во еден полутон; тие многу тешко се разликуваат. Во тој полутон се движи нашата Госпоѓа Бовари, меѓу ангелското и ѓаволското“.
Секако, ниту една прес-конференција не би била целосна без дел од актерската екипа. Денес пред медиумите се обратија Маја Андоновска Илијевски, која го толкува ликот на Ема Бовари, и Никола Стефанов во улогата на Леон. Двајцата актери со голем ентузијазам зборуваа за соработката со Пројковски и за креативниот процес низ кој поминале во текот на подготовките. Тие истакнаа дека ликот на Ема Бовари и денес е исклучително актуелен и дека секоја современа жена и девојка ќе може да препознае дел од своите соништа, желби, разочарувања и стремежи во оваа безвременска приказна.
„Актерски, а и женски, за мене е една многу значајна претстава и процес кој што го поминавме изминатиот месец дена. Процес кој што ме натера да се занимавам со сите жени на светот, но највеќе со себе, за така да ја родиме нашата Мадам Бовари. Верувам дека во нашата претстава и во сѐ она што сработивме како екипа заедно, нема да постои жена во публиката која што во еден одреден момент нема да си ги постави истите прашања: дали е доволно добра мајка, дали е доволно добра жена? Дали постои совршена љубов? Каде е тој совршен маж и кој е тој совршен живот за кој што Мадам Бовари, за којашто пишувал Флобер, некогаш живеел во кориците на старите библиотеки во книгите? И која е таа Мадам Бовари денес и кое е тоа совршенство по кое што таа копнее? Дали тоа се социјалните медиуми и светот кој што не опкружува? Ние воопшто не се занимаваме со тоа во нашата претстава. Меѓутоа, појдовната точка на една современа жена, како што сум јас и на еден актер и на еден уметник, буквално шеташе низ сите годишни времиња и низ сите историски времиња, за да ја најдеме онаа Мадам Бовари која што вие ќе ја видите на сцената денес, утре и уште два пати во месец јули“, рече Маја Андоновска Илијевски и додаде: „Јас сум искрено многу благодарна на довербата на Дејан и на честа што ми ја даде да ја разбудам, да ја оживеам и да ја изиграм оваа навистина посакувана женска улога. И иако многу пати сме се сретнувале на „Глумците пеат“, на различни настани и манифестации на кои соработувавме, ова е наша прва театарска соработка. Се надевам не и последна и јас мислам дека ова е еден од процесите на кој што ќе се сеќавам додека сум жива. За мене актерски еден навистина голем предизвик. Така што благодарна сум и на Дејан и на Олга Панго со која што ги работевме кореографиите за претставата. Претстава во која што освен емотивно и физички и актерски и духовно си ги изместив сите лични граници“.
„Дејан Пројковски е мој професор и јас завршив во негова класа. Ова е моја петта соработка со него и тој на некој начин е мој театарски татко и прво се радувам дека е тука. И после долго, некои седум години мислам, работиме претстава. Многу сум радосен и чувствувам огромна одговорност во целата претстава. „Мадам Бовари“ беше едно патување во кое секој ден бевме и физички и психички истоштени, но стигнавме до еден резултат за кој мислам дека ќе се зборува и се радувам кога ќе видам колега или колешка во моментот, дека на некаков начин ја живее својата, можеби улога во животот. И тоа ме радува многу и таа радост мислам дека треба да се развие и да расте“, додава Никола Стефанов.
Покрај нив во претставата играат: Иван Јерчиќ (Шарл), Огнен Дранговски (Родолф), Мартин Мирчевски (Лере), Сандра Грибовска Илиевска (Слугинка), Петар Мирчевски (Свештеник), Борче Ѓаковски (Исус Христос) и Ива Лазарова (Ќерката на Ема и Шарл). Авторскиот тим го сочинуваат: асистент на режија Андреј Цветановски, драматург Сашо Димовски, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, кореограф Олга Панго, композитор Горан Трајкоски, видео дизајнер Сергеј Светозарев, светло мајстор Игор Мицевски, тон мајстор Александар Димовски, видео оператор Владимир Переловски, инспициент Оливер Петровски и суфлер Гордана Михајловска. Една од варијантите на плакатот е изработка на Михајло Димитриевски – Мичо. Има уште еден плакат, дело на Сергеј Светозарев, кој од септември, кога ќе се продолжи со настапи по фестивали ќе биде презентиран на прес-конференција. Наредните изведби на претставата се закажани на 04.07.2026 и 07.07.2026 во 20 часот.
