Home » Над 70 настани, 1300 учесници од Македонија и од светот во 18 денови на годинешното издание на „Илинденски денови“

Над 70 настани, 1300 учесници од Македонија и од светот во 18 денови на годинешното издание на „Илинденски денови“

by culturalchat

Во Центарот за култура во Битола беше одржана прес-конференцијата по повод официјалната најава на 56. издание на Интернационалниот фестивал „Илинденски денови“ Битола, на која беа претставени програмата, учесниците и новитетите на годинешното, досега најдолго фестивалско издание. Програмата од 14. до 31.јули ќе ја претвори Битола и околината, во светски центар на фолклорот.

„Илинденски денови“ повеќе од пет и пол децении е еден од најзначајните фестивали кој што е посветен на традицијата, на културата, на нематеријалното културно наследство. Тој не е препознатлив само во Македонија, туку и надвор од Македонија на другите фестивалски сцени. Битола е градот, а јас за овој фестивал ќе кажам дека „Илинденски денови“ е фестивалот“, истакна директорот на Центарот за култура м-р Сашо Илковски.

Годинашното мото е „Точка на поврзување“, односно connection point.

„Го одбравме како мото заеднички со целата екипа, тргнувајќи од моментот дека овој фестивал отсекогаш бил местото каде што се среќаваат различни луѓе, различни култури, различни традиции и различни идеи. Оваа година имаме 18 фестивалски денови, каде што ќе имаме нешто повеќе од 70, 77 настани во целокупната програма и ќе имаме вкупно од околу 1300 учесници од Македонија и од светот. На фестивалот ќе настапат вкупно 35 различни ансамбли и фолклорни групи, меѓу кои осмум се од странство. Имаме една наша група од наши иселеници во Шведска кои што ќе ни гостуваат. Имаме 23 ансамбли од Македонија и ќе имаме на официјалното свечено дефиле три ансамбли“.

Почетокот ќе биде со Симфонискиот оркестар од Народна Република Кина, Ningbo Symphony Orchestra, составен од повеќе од 100 врвни музичари.

„Токму и самото отворање се вклопува со годинешното мото, и морам да истакнам дека ми е драго посебно што пред 12 години сум бил во Нингбо, градот со кој Битола е збратимен и сум ја иницирал таа соработка така што и мотото со ова гостување ќе го потврдиме“, додава Илковски.На фестивалот ќе има 12 интернационални концерти од кои осум ќе бидат во Битола, а четири ќе бидат во околните општини. Секоја година фестивалот добива нов визуелен идентитет, а оваа година тој е инспириран од една едноставна, но моќна форма од природата, глуварчето.„Тргнувајќи од неговата приказна и неговиот живот, неговите семиња патуваат со ветерот, одат на нови места, пуштаат корени на нови места и еден вид тој е симбол на истрајноста, споделувањето и на пренесувањето, како на културата, така и на традицијата, што е една од целите на овој фестивал е и тоа да поврзува луѓе, култури, традиции, обичаи и спомени, пред се“.

Прес конференција се одржуваше во фоајето каде е изложена детската ликовна изложба „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“.

„Фестивалот е оформен во 1971 година, а пред тоа имало три-четири години расправа дали треба да има фестивал, дали тој фестивал треба да биде во Битола, што значи, како значи и така натаму. Значи имало голема идеја за една вистинска потреба која што ја имала нашата држава.1973 година се формираше установата за народна култура „Илинденски денови – Битола“, а во 1975 година беше првото издание на оваа детска ликовна изложба. Значи, сето тоа во континуитет до денес, сè што започнало на Илинденски има само континуитет и тек. Исто како творештвото на народот: има континуитет, има надоградба, има инспирација, има нови идеи, има развој. Сето тоа е вткаено во „Илинденски денови“,рече м-р Валентин Соклевски, човекот кој повеќе децении е координатор на овој голем фестивал.

Околу годинешното мото, истакна: „Точка на поврзување на минатото со сегашноста, на коренот со цветот, на денешнината со иднината. Пораката е многу јасна. Глуварчето исто така има порака: „Расти таму и каде што не очекуваш, колку и да го корниш, тоа си тера“. Така е и со нашата традиција. Многу луѓе се обиделе да ја присвојат, да не променат, да ни ја земат. Меѓутоа таа си расти, си се чува и самата и ние ја чуваме неа и се пренесува во иднината. Традицијата е наше минато, наша сегашност и желба за нашата иднина. Глуварчето симбол е за желба. Денес посакувам овој фестивал да трае уште многу, многу, многу години. Оваа година имаме што да понудиме. Значи, 18 фестивалски денови. Јас често велам дека овој фестивал е фестивал на фестивалите од областа на традицијата и фолклорот и на народната култура. Зошто? Заради тоа што овде имаме песна, имаме игра, имаме оро, имаме обичаи. Имаме спој помеѓу модерните медиуми и старите традиции, модерното пренесување на сцена на старите вредности.Тука можеме да видиме филм етнографски инспириран од традицијата. Можеме да видиме оро во изворен облик, оро надоградено во вистинска смисла на зборот. Можеме да видиме носи кои се претвораат во модни детали. Можеме да видиме дечиња кои што инспирирани во иднина ќе бидат нови уметници кои што ќе создаваат нова традиција. Можеме да се пронајдеме самите себеси во традицијата и можеме да бидеме дел од овој фестивал. Ако не да го градиме, тогаш да го посетуваме. Овој фестивал е од народ за народ и така ќе си продолжи и денес и утре“.

Ќе настапат вкупно 35 фолклорни групи, оркестри и ансамбли. 8 ансамбли од странство: САД, Венецуела, Порторико, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Кина. 1 ансамбл на македонските иселеници од Шведска. 23 фолклорни групи и ансамбли од Македонија, плус 3 ансамбли учесници само на дефиле, на кое ќе има околу 18 до 20 групи вкупно. Тука е и семинарот за традиционална музика и игра, советување со претставници на ЦИОФ, музичко-поетска вечер, детска ликовна колонија, промоции на книги, мастер класови. Во рамки на фестивалот се одвива и Интернационалниот етнографски филмски фестивал. Ова лето, Битола повторно ќе стане центар на знаење, истражување и сценска креативност.Фестивалот не застанува на сценските настапи – тој гради мостови преку издавачки промоции, едукативни програми и семинари.

„Семинарот има најдолга традиција во Македонија. Основан е 2009 година и од тогаш во континуитет се реализира во рамките на фестивалот. Секоја година има различни содржини. Предавачи се професори, доктори на науки, магистри од областа на етнологија, етно кореологија и етно музикологија. Оваа година темата на семинарот е „Скопска Котлина“, бидејќи таму има само три етнички предели околу Скопје: Скопска Блатија, Скопска Црна Гора и Скопски Дервен. Додека ако земиме северно и јужно подрачје, каде што влегува Скопската Котлина, тогаш има уште многу повеќе етнички предели. Тука ќе има поединечни теми, предавања за народна носија, историски аспекти на носијата во Скопската Котлина, техники и методи на инструменталната изведба со тапан, стил на изведување на вокалната традиција од овој дел и модели и стилски карактеристики на играта. Секако, во рамките на семинарот секоја година има и Зборник на трудови. Оваа година ќе бидат издадени 10 труда од стручни лица кои се пишуваат врз основа на теренски истражувања и стручни анализи. Бројот на учесници на семинарот секоја година се движел од 80 до 100. Се надеваме дека и оваа година, според интересот на културно-уметничките друштва и индивидуалци кои што ја сакаат традицијата и се пријавуваат, можеби ќе ја надминеме и бројката од 80 членови или семинаристи. Со почетокот на фестивалот ќе има свој мастер клас и Симфонискиот оркестар. Потоа имаме на 18-ти друга работилница која ја реализира Музичката младина на Македонија. Таа ќе биде за млади изведувачи и уметници. На 23-ти имаме работилница за филмот, односно воведување во воспитување преку филм и слика. На 27, 28-ти, 29-ти и 30-ти имаат работилници Хрватска, Словачка, Холандија и Порто Рико“, рече м-р Љупка Стефановска, клучен дел од стручниот тим на фестивалот.

„Илинденски денови“ е член на интернационалната организација на фолклорни фестивали и фолклорни здруженија со сертификат од ЦИОФ. „На 20-ти јули своја презентација или мастер клас ќе има секретарот на ЦИОФ од Холандија, под тема „Негувањето на традицијата и активностите на ансамблите и фолклорните фестивали во Холандија“. Исто така, во текот на фестивалот ќе имаат свои стручни презентации и останатите членови на ЦИОФ, односно претставници од секоја држава која што ќе биде учесник на фестивалот. Тука е и претседателката на СОФАМ, Мирјана Мирчевска, која што ќе има свое излагање за странските учесници и за македонските семинаристи и учесници на фестивалот“.

Related Articles