Вечер во Битола во Офицерскиот дом, а во рамките на Битолското културно лето, ќе биде одржан Концерт на барокна музика, во изведба на Владимир Костов – виолина и Цветанка Созовска – чембало. На програмата се композиции од барокни мајстори – Бонпорти, Вивалди, Бах, Лопез и Бибер.
Владимир Костов е роден во Битола , каде го започнува своето музичко образование во класата на наст. Зоран Маневски. Студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Михајло Куфујонакис кај кого и магистрира, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко и др. Посетува мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите „Медичи“ Квартет (Шведска), „Артемис“ Квартет (Германија) и Квартетот „Миро“ (САД). Избиран е повеќе пати како единствен претставник од Македонија во реномираниот Светскиот оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија.
Редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија. Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, камерниот оркестар ,, Профундис ‘’ , како и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија меѓу кои ,, Денови на македонска музика ‘’, ,, Есенски музички свечености’’ , ,, Охридско лето ‘’ , ,, Скопско лето’’ , ,, Битолско културно лето’’ , како и во странство – Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија , Хрватска, Полска, САД…Член е и концерт мајстор на меѓународниот оркестар ,,Nо Borders’’ каде во концертната турнеја 2021 настапува и како сoлист . Добитник е на наградата ,,Георги Божиков ‘’. Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин Фест“. Моментално работи како концерт- мајстор во Македонската филхармонија и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Цветанка Созовска е родена во 1975 година во Скопје и го започнува своето музичко образование на 7-годишна возраст во МБУЦ ”Илија Николовски –Луј” во Скопје. Во овој образовен центар таа ги завршува основното и средното музичко образование по пијано кај професор Кармен Костова. Во 1996 дипломира во класата на реномираниот руски професор по пијано, Борис Романов, на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот ”Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Со својот среден успех на студии од 10.0 таа е прогласена за Најдобар дипломиран студент на својата генерација, но и при Универзитетот ”Св.Кирил и Методиј” помеѓу два јубилеја (1989-1999). Своето усовршување го остварува на Кралскиот Конзерваториум во Хаг, Холандија, каде се специјализира за чембало и барокна музика во Одделот за стара музика. Во класата на светски признатиот холандски чембалист и фортепијанист Жак Ох таа ги заокружува додипломските и постдипломските студии по чембало и во 2002 година се стекнува со називот ” Магистер по музика”. Како солист и камерен и оркестарски музичар, Цветанка има настапувано на бројни концерти ширум цела Европа и во Јужна Кореја. Цветанка живее и работи во Хаг повеќе од 20 години. Таа остварува 10-годишна кариера како корепетитор на чембало во Одделот за историска изведба при Конзерваториумот во Утрехт, Холандија. Во истиот град таа е професор по чембало во Утрешкиот центар за уметности. Повеќе од 15 години таа е и професор по пијано во музичкиот оддел при Интенационалното училиште на Хаг. Работата со ученици по пијано и од други школи, како и возрасни аматери се исто дел од нејзината широка педагошка дејност. Цветанка е многу активна и како хорски диригент и работи со хорови од најразлични жанрови и возрасти, како на пример: од класична музика, џез, поп, па сè до традиционална музика од целиот свет. Во изминативе години, таа е дел и од стручното жири при Флоренс натпреварот за млади таленти, кој секоја година се одржува во Хаг.
Концертот е поддржан од Министерство за култура и туризам на Р. Македонија и Амбасадата на Холандија во Р. Македонија. За прв пат во Битола ќе бидат изведени барокни композиции во автентичен штим и на автентичен инструмент, чембало, кој специјално се носи од Скопје. Концертот е со почеток од 20 часот.
