Home » Емотивна промоција на монографијата „Вљубеник во светлината“ за битолскиот графичар и ликовен уметник Ранко Струмениковски

Емотивна промоција на монографијата „Вљубеник во светлината“ за битолскиот графичар и ликовен уметник Ранко Струмениковски

by culturalchat

Вечерта на 17 ноември во галеријата, музеј и ателје “Ранко Струмениковски“ во Битола, беше промовирана монографијата за битолскиот графичар и ликовен уметник Ранко Струмениковски, „Вљубеник во светлината“, а по повод 90-годишнината од неговото раѓање, во издание на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Монографијата е дело на авторот д-р Драган Ристевски, со уредничката д-р Тања Струмениковска-Ристевска. Уредувачкиот одбор го сочинуваат: д-р Драган Ристевски, Владо Ѓорески, д-р Тања Струмениковска-Ристевска, м-р Ник Аникис Ристевски-Скушек, д-р Теодора-Теа Ристевска-Скушек, д-р Тара Мојсовска и м-р Ристе Мојсовски. Рецензенти се академик Васко Ташковски и Александар-Ацо Филиповски.Монографијата го систематизира и претставува богатото творештво на Струмениковски – графики, цртежи, гвашеви и дела од областа на применетата уметност – и го поставува во контекстот на македонската ликовна историја. По завршувањето на средното уметничко училиште во Скопје, тој студирал на Академијата за применети уметности во Белград, во класата на професорот Михаило Петров, како единствен студент од Македонија во својата генерација. По враќањето во Битола, со упорност и професионализам ги поставил темелите на графичкото творештво во град каде што речиси немало услови за тоа. Бил еден од креаторите на Графичката триенала (од 1968, а на првото издание во 1972 бил член на почесниот одбор), со што Битола го добила епитетот „град на графиката“. Работел во печатницата „Киро Дандаро“, бил главен креатор во „Битолатекс“, а подоцна и референт за ликовно и естетско обликување на градот, придонесувајќи за препознатливиот колорит на битолските фасади во топли, кајсиеви тонови. Создал бројни заштитни знаци, логоа и илустрации за институции, фирми и изданија. За значењето на семејната галерија, нејзиното создавање и богатата културна активност говореше д-р Драган Ристевски.„Во изминатиот период, овој простор беше домаќин на бројни значајни изложби и уметници. Меѓу нив се изложбите посветени на Васко Ташковски, Јован Димовски (1928–2000), почесен член на уметничката група ВДИСТ, и Перо Спироски – Пипо (1928–1995), исто така поврзан со оваа група. Публиката имаше можност да проследи и други значајни ликовни настани: „Битолски ликовни генези – ВДИСТ“, промоцијата и изложбата на Билјана Толевска Наумовска, изложбата на академската сликарка Лара Ташковска од Скопје, посмртната изложба на битолскиот уметник Илија Кочовски, како и изложбата на графики на доајенот на современото македонско сликарство, Александар Ацо Филиповски од Скопје. Во галеријата свој простор добија и младите уметници, меѓу кои учениците од отсекот Јазично-уметничко „Б“ при гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, со завршната изложба „Уметничка хипноза“, под менторство на професорот по ликовна уметност Александар Поповски“. Сите овие изложби и средби ја потврдуваат идејата дека галеријата не е само спомен на еден уметник, туку живо место за афирмација на ликовната уметност, млади таленти,  средби на генерации и за создавање нови културни приказни.На настанот  се обратија  и  Ник Аникис, Владо Ѓоревски – Рафик, Сашо Ристевски кои секој од свој аспект зборуваа за уметникот. Посебно трогателни беа спомените што ги споделија неговите внуки Тара и Теодора Теа. Со љубов и насмевки се присетија на својот дедо, човек со боемски дух, препознатлив по својот карактер, животната филозофија и големата љубов што ја имал кон своите внуки, негови миленички. Во особено емотивен момент, ќерката на Ранко, Тања Струмениковска, видливо возбудена, рецитираше песна која ја напишал нејзиниот  татко. Момент во кој зборовите беа повеќе од поезија – беа израз на љубов, благодарност и неизмерна почит кон таткото, уметникот и човекот.

„Вљубеник во светлината“ не е само наслов на монографија. Тоа е најубавиот опис на човекот кој целиот свој живот ја бараше, ја создаваше и ја пренесуваше светлината преку уметноста. Ранко Струмениковски можеби денес не е физички меѓу нас, но неговата светлина продолжува да свети – во Битола, во неговото семејство и во секое дело што го остави како трајно наследство“.

За “белградските денови“ на Ранко зборуваше ликовниот критичар Владо Ѓоревски кој како неколку пати досега ги потсети присутните за големиот ликовен капацитет на Ранко Струмениковски, кој создаваше во време кога немаше никакви технички помагала, туку целиот негов ликовен опус е создаден со рака, дел и само со хемиско пенкало,  уште повреден во сегашно модерно време на технологија и вештачка интелегенција. Роден на 17 ноември 1936 година, Ранко Струмениковски е едно од имињата што оставија неизбришлива трага во културниот и уметничкиот живот на Битола. Со своето творештво, особено во областа на графиката и дизајнот, тој придонесе Битола да се препознае како град на графиката и дизајнот. Неговото авторство стои зад визуелниот идентитет на бројни познати битолски институции и компании, меѓу кои „Пелистерка“, „Битолатекст“, „Битолски весник“ и многу други. Секако најпознати се неговите графики кои и се дел од „Вљубеник во светлината“. Монографијата беше свечено доделена на  институциите и поддржувачи кои заслужиле да ја имаат и чуваат : НУ Завод и Музеј Битола,  Центарот за култура, МНД Битола, Bitolanews, Хрватскиот културен центар и други. Галеријата „Ранко Струмениковски“, сместена во реновираната семејна куќа, денес претставува посебен културен простор, во кој се спојуваат музеј, галерија и ателје, но и место каде што продолжува да живее уметничкиот дух на Ранко.

 

 

 

 

Related Articles