„Битола, мој роден крај“ од Ајри Демировски беше изведена на Transglobal Weekend of Music- настан каде музиката патуваше преку сите граници и собра луѓе од целиот свет да споделат дел од својата музичка култура.
Проектот се одржуваше од 13 до 15 мај во Нов Зеланд, во организација на тимот Ethno New Zealand со поддршка на Auckland Council Creative Communities. Секој учесник имаше можност да презентира дел од својата музичка култура и да учествува во музички работилници водени од истакнати и реномирани музичари, а изборот на песната е на битолчанката Ирена Ангеловска, докторантка на Универзитетот во Окленд.
„Нема зборови со кои што ќе можам да опишам како се чувствував. Имав задоволство да споделам дел од македонската песна „Битола, мој роден крај.Нашите срца се синхронизираа во пулсирачките 7/8 и неописливо е како се чувствував кога ја слушнав прекрасната мелодија на „Битола, мој роден крај“ испеана од сите учесници на настанот. Ethno New Zealand- ВИ БЛАГОДАРАМ за можноста да ги проширам моите музички хоризонти и за можноста да ја споделам мојата македонска музичка култура“, напиша Ирена на социјалните мрежи.
Целта на проектот била поврзување на музичари од различни култури преку презентирање музика.
„Тоа што го направи овој настан значаен е активното учество и интеракција во учењето и изведбата на песните коишто беа презентирани. Проектот “Transglobal Weekend of Music” ни отвори простор за да ја споделиме приказната на нашата култура и потекло. Разговаравме за контекстот во којшто беше создадена музиката, за нејзиното значење и функција со цел да придонесеме за меѓусебно разбирање меѓу нас. “ ни изјави Ирена.и додаде Со учеството на овој проект имав можност да слушнам и активно да учествувам во изведбата на музика од Соломонските острови, Иран, Велс, Гана, Ирска, Шкотска, Шведска, пацифичкиот остров Ротума, Монголија, Нов Зеланд и Македонија. Тоа е само мал дел од многуте етнички групи, но извонредна можност да музицираме и пееме на јазици чијшто изговор нé натера да излеземе од нашата комфорна зона. Слушнавме и имавме можност да свириме на уникатни музички инструменти коишто верувам дека ја збогатија нашата звучна палета. Целиот настан беше збогатен со вкусна храна од Судан, Малезија и Авганистан којашто беше приготвена од жени коишто дошле во Нов Зеланд под статусот бегалци.
Ја запрашавме како реагираа присутните на оваа песна.
„Ја споделив приказната на „Битола, мој роден крај“ и беше очигледно дека учесниците се поврзаа со неа. Голем дел од нас сме далеку од дома и текстот за момент нé однесе во нашите краишта. Токму тоа е дел од улогата на музиката. Имаше прекрасна енергија во текот на учењето на текстот, мелодијата и ритамот. Се чувствуваше игривоста на ритамот, пропратена со совршениот изговор од страна на учесниците којшто може да се слушни на видеото. Верувам дека на многу Македонци ќе им биде драго да слушнат како луѓе од други култури ја пеат толку добро македонската „Битола, мој роден крај“. А како сето тоа звучеше погледнете во следното видео. https://youtu.be/ROl58uN6wbk