Home » „Алиса во земјата на стравовите“ на Александар Поповски го затвори 64.„Охридско лето“

„Алиса во земјата на стравовите“ на Александар Поповски го затвори 64.„Охридско лето“

by culturalchat

Со театарската претстава „Алиса во земјата на стравовите“  од Ева Махковиќ, во режија на Александар Поповски, а во изведба на актерите од Југословенскиот драмски театар од Белград, беше спуштена завесата на 64. издание на фестивалот „Охридско лето“. Временските прилики не дозволија претставата да се одигра на Античкиот театар, но сцената за кратко време беше префрлена во Ценатарот за култура „Григор Прличев“. Режисерот Александар Поповски ѝ се извини на публиката за оваа промена и се заблагодари за трпениетосо оглед на новонастанатата ситуација.  „Извинете за сè што поминавте. Знам дека не е едноставно да се чека, но верувајте, направивме сè. Овде има една неверојатна екипа и од Белград, и од Македонија кои направија чудо да се преселиме за час и половина од горе, на Антички театар до долу во Центарот за култура. Два дена работеа на Антички за да биде претставата таму, но ете, небото сакаше да биде поинаку. Навистина е преубаво човек да види дека Охрид има публика за театар и за култура. Тоа е најубавата работа“, рече Поповски пред почетокот на претставата.Инаку, актерите од Југословенскиот драмски театар од Белград, Србија на сцената покажаа извонредна театарска игра. Драматичкиот текст на „Алиса во земјата на стравовите“ е инспириран од книгата „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол. Кога била мала, Алиса верувала дека дури и пред појадокот може да се случат шест невозможни работи. Таа сега е возрасна жена во своите триесетти. Треба да има кариера, семејство. Треба да биде исполнета, стабилна, порасната. Она што го има е нов психотерапевт со кој патува во главата.

„Тоа е едно патување низ потсвеста на една млада девојка која се сретнува со сите прашања, од вработување, успешност, љубов…и од нешто што за мене е трагедија, условно речено за младите луѓе, а тоа е штоако на 35 години не си успешен, тогаш е готово со тебе. Ако не направиш нешто до 35 години веќе не те бидува. Јас на 32 години уште немав завршено факултет. Тогаш времето се мереше на поинаков начин. Имавме време.  Денеска децава ги учиме-нема време.Им го скратуваме времето и мислам дека тој феномен на притисок е многу интересна тема и мислам дека успеавме да ја раскажеме приказната за растегливост на времето“, истакна режисерот  Поповски.Досега режирал дела од:  М. Иваскевичиус, В. Шекспир, Г. Стефановски, М. Сервантес, Б. Стокер, Б. Србљановиќ, Г. Бухнер, Ж.Б. Молиер, А. Ласиќ, М. Мекдона, С. Грам, А. Чехов, Б. М. Колтес, Д. Хармс и Ф. Г. Лорка. Многу од претставите кои ги режирал се во националните театри во  Македонија но и во Данска, Србија, Словенија, Хрватска, Австрија, Велика Британија, Италија, Шведска, Грција и др. Неговата кариера како филмски режисер започнува во 1993 година со омнибусот „Светло сиво“ (Митревски-Поповски-Јанаќиевиќ) продуциран од ТРФЗ Пегаз, Македонија. Во 1995 година е ко-режисер на ТВ серијата „Уа, шнајдери!“ (со Дарко Митревски) за МРТВ.  Во 1998 година заедно со Дарко Митревски го режира филмот „Збогум на 20-от век“ во продукција на Прва Партизанска Продукција. Во 1999 година овој филм ја добива наградата на Фестивалот во Хелсинки за најдобар фантастичен Европски филм како  и награда на фестивалот во Њујорк за најдобра монтажа и сценографија, наградата „Крал Нобел“ на првиот Интернет филмски фестивал во Брисел, како и награда за најдобро актерско остварување на Фанта Фестивалот во Рим.  Во 2008 година Александар Поповски го режира краткиот филм „Метаморфози“ ко-продукција на Кино Око и Прва Партизанска продукција, а го снима и филмот „Балканот не е мртов“ за Кино Око.  Визитинг професор е на Универзитетот за уметности во Грац, а од сезоната 2018/19 е уметнички директор на Драмата при народниот театар во Марибор. Од 2003 година е професор на Универзитетот за драма во Будимпешта каде предава театарска режија.Годинава, 64. Издание на фестивалот „Охридско лето“  донесе 36 настани од кои 25 концерти од областа на класичната музика, шест театарски претстави, по една изложба и промоција на книги, стенд-ап шоу, а во дополнителната програма се бараше карта повеќе за светскиот а наш виртуоз  на гитара, Влатко Стефановски. Роденденот на фестивалот годинава беше одбележан со  концерт на салса ансамблот „Меркадонегро“.

 

 

Related Articles