Долготрајни аплаузи и стоечки овации беа дел од завршниот концерт во КИЦ Офицерскиот дом, на гостите од Вуковар, Хрватска од ОУ. „Драгутин Тадијановиќ“, музичкиот оддел и учениците на Државното музичко училиште Битола, а во организација на двете училишта и Хрватскиот културен центар МХД „Марко Марулиќ“ Битола.На манифестацијата покрај градоначалникот на Битола Тони Коњановски, заменикот Бојан Бојкоски, претседателот на Хрватскиот центар „Марко Марулиќ“, дипломатскиот кор на Битола, беа присутни и дипломати од Хрватската амбасада – дипломатскиот советник Никола Бајиќ со сопругата како и многубројни вљубеници во добриот музички звук.Гостите ги поздрави директорот на Битолското музичко – Кирил Стојчевски и директорката на Вуковарското училиште Лидија Милетиќ која истакна:
„Морам да кажам дека срцето ми е навистина полно, затоа што она што го полни срцето е музиката, децата, младите и ваквите соработки и тоа е она убавото на кое присуствувавме во прекрасната сала на Офицерскиот дом. Навистина многу се радувам и мислам дека ова е почеток на едно големо пријателство и одлична соработка помеѓу нашите училишта и нашите градови“.Музиката е јазик што го разбираат сите народи на овој свет без разлика на нација, боја на кожа и пол. Таа е врската помеѓу световите и временските рамки. Музиката е свето место каде што ја чувствуваме возвишеноста на универзумот, но и скромно, скриено место со најдлабоки тајни кои тешко се откриваат. Тоа е вечното место на нашата имагинација и соништа, нашите души и патот до ѕвездите. Од страна на Хрватскиот културен центар присутните ги поздрави ПР-от на истиот, новинарката Неда Маретиќ која истакна дека ваквите настани уште повеќе ги развиваат и зацврстуваат соработките меѓу двете пријателски земји Македонија и Хрватска.Културата ги поврзува народите.
„ Така е. Културата ги отвара сите врати, јазикот на музиката е универзален и сите го разбираме преку срцето. Морам да истакнам дека за овие три денови во Македонија ја доживеавме сета онаа препознатлива македонска љубезност, добредојде, македонската убавина, убавината на овој прекрасен град Битола и на тоа морам да му се заблагодарам и на градоначалникот како и на претседателот на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“, Бранко Маретиќ. Тие навистина направија се во овој град да се чувствуваме прекрасно. Тука сакам да истакнам дека сум среќна и за соработката со Музичкото училиште, да се заблагодарам на директорот, сите професори и ученици кои заедно со нас настапија на овој концерт. За да нашиот престој биде комплетен се потрудија и луѓето од Хрватската амбасада во Скопје, на кои им сме многу благодарни пред се на Хрватската амбасадорка и сите вработени таму на топлиот прием“, додаде Милетиќ.А за крај ни рече:„Се радуваме и ве очекуваме во Вуковар“.
Училиштето од Вуковар го носи името на големиот хрватски поет Драгутин Тадијановиќ, кој при посетата на училиштето на 19 април 2005 година го прифатил предлогот и дал согласност за преименување на училиштето. Музичкиот оддел при училиштето, во текот на своето дваесет и седумгодишно постоење и успешно работење, ги едуцира децата на полето на музиката и танцот и придонесува за севкупниот културен развој на градот Вуковар и неговата околина. Така, градот станува средиште на различни видови култура, град на музика, фестивали, концерти и музички настани. Уметничката музика и танцот во Вуковар го доживува својот развој, а доказ за тоа се зголемениот број генерации и зголемениот интерес за музиката секоја учебна година. Одделот за музика и танц Вуковар го зазеде своето место во музичката заедница и добива сè поголемо јавно признание од општествената средина за своите активности.Концертот „Вуковарска гулабица“ во Македонија е првиот чекор кон многубројните заеднички соработки на училиштата и Хрватскиот културен центар како и КИЦ Битола кои допрва следат.
Последната изведена композиција беше Валцерот бр. 2 од Шостакович, „О бела чао“ , во изведба на оркестарот на училиштето од Вуковар , како и композицијата од Ханс Цимер која ја изведе и училишната група под диригентска палка на Трајко Илјовски.При престојот на гостите од Вуковар во Битола, истите беа примени од градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски каде беа разменети пригодни подароци. Во Музичкото училиште како и во Хрватскиот културен центар беа потпишани Меморандуми на соработка.
Дружењето продолжи во ресторанот на Премиер центар со македонска и хрватска музика.