Home » 38 изведувачи од 3 земји на годинешната 4.по ред манифестација „Ден на пијаното“

38 изведувачи од 3 земји на годинешната 4.по ред манифестација „Ден на пијаното“

by culturalchat

Музиката е универзален јазик, која не познава граници, а пијаното е симбол на безвременоста на класичната музика. Во Свечената сала на Офицерскиот дом-КИЦ Битола, во организација на Здружението на пијанисти и музички педагози „Пијано“, кои во соработка со своите колеги од Музичкото училиште од Јаница, Р.Грција и Музичкото училиште „Тефта Ташко – Кочо“ од Корча, Р. Албанија, се одржа меѓународната манифестација „Ден на пијаното“. Посетителите имаа ретка можност да проследат дури триесет и осум млади изведувачи од трите земји, на кои им беа доделени дипломи и благодарници за учество.Оваа манифестација се организира по 4-ти пат.

„Ден за паметење, ден за музика и нови пријателства, ден за градење незаборавни спомени. Голема благодарност до сите учесници и нивните професори за прекрасното доживување кое ни го приредија. Благодарност до прекрасната публика и преполната сала на КИЦ Офицерски Дом Битола“, истакнаа од здружението „Пијано“.Тие изјавија дека пред пет години ја започна прославата во чест на “Денот на пијаното” и тоа во 2019 година. Започнаа скромно со учесници од Битола и регионот, минатата година имаа спектакуларен настан со над 100 учесници од цела Македонија. 28 Март е денот кога целиот свет го слави ДЕНОТ НА ПИЈАНОТО. На овој ден, со различни настани и изведби на пијано во текот на еден цел ден се оддава еден вид на признание кон овој инструмент кој што во многу случаи претставува музичка основа или подлога, било да е тоа при изведби од камерен карактер или соло изведби.Училиштата од Корча, Р. Албанија и Јаница, Р. Грција се две училишта со долгогодишна музичка традиција и потврдено реноме, кои на овој настан ги вкрстија своите музички квалитети со учениците на нашето битолско Државното музичко училиште кое значи симбол за квалитет во нашава држава и пошироко. Трите училишта со задоволство го прифатија овој настан инициран од Здружението Пијано. Учениците на возраст од 7 до 18 години изведоа композиции за пијано од различни композитори и временски епохи.Пред почетокот на концертот, се одржа и тркалезна маса на која се разговараше за моменталните предизвици во наставата по пијано, различните програми во трите земји, а беше реализирана и отворена дебата “Образовни програми за пијано во нашата земја и странство-сличности и разлики“. Воедно беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу Здружението „Пијано“ и Музичкото училиште од Јаница.Денот на Пијаното не е само прослава на инструментот кој има најмногу љубители, туку и повод за средби, размена на искуства, почетоци на нови соработки, изведби на нови композиции, проширување на хоризонтите, како во пијано изведбите, така и во интеркултурните и меѓучовечки корелации.

Во рамките на одличната соработка на Здружението на пијанисти и музички педагози „Пијано“, минатата година ова здружение даде вредна донација на КИЦ, Електрично пијано. Ова не е прв пат Здружението „Пијано“ да донира во областа на културата. Изминативе години тие обезбедија средства во вкупна вредност од 2500 евра за реализација на 3 семинари со еминентните пијанисти Рустам Рахмедов од Турција, проф. д-р Кристина Светиева, како и со проф. м-р Дино Имери и сето ова во прилог на младите таленти од Државното музичко училиште.Годинешниот настан за Денот на пијаното е показател на континуитетот на соработка помеѓу институците и здруженијата од областа на културата и образованието и зајакнување на капацитетите на установата за давање уште подобри услови кон младите пијанисти. За плакатот оваа година се погрижи ликовниот уметник Васко Ѓоргиев, претседател на ДЛУБ – Битола. Ваквите настани несомнено придонесуваат за подобро запознавање на младите од регионот, размена на искуства, професионална соработка и отвора пат за нови заеднички настапи и проекти.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles