Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ прославува 74 години од основањето. Во 1950 година, на 17. февруари, ансамблот ја изведе првата претстава „Кир Јања“ од Јован С. Поповиќ во режија на Аце Михајлоски со што го означи почетокот на богатата театарска дејност и остави неизбришливи траги во уметноста со изведбите и со значајните театарски имиња за македонската култура.
Седумдесет и четири годишната дејност ансамблот ќе ја одбележи в среда со најновата претстава „Стапица за глувци“, според текст на Агата Кристи во режија на Борис Василески. Одбележувањето на годишнината беше закажано за викендот кој измина, но поради здравствени проблеми на актер од претставата, изведбата е презакажана за в среда. Од Театарот информираат дека важат сите влезници и само да се потврдат резервациите.
Драматург на претставата е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата и дизајнот на светло се на Мартин Манев, костимографија на Марта Дојчиновска и музиката на Томе Темелкоски, а дизајнот на плакатот е на Илина Василеска. Во претставата играат Сара Спиркоска, Илија Волчески, Дарко Карбески, Марија Спиркоска Илијеска, Александар Тодески, Даниела Иваноска, Михајло Миленкоски и Димитар Ѓорѓиевски.
Претставата се базира на реалистична игра на актерите и стилизираната сценографија на пансионот, кои доведуваат до потполно доловување на атмосферата.
Претставата зборува директно за: Кои се маски ги користат луѓето за да го постигнат она што го сакаат? Колку злосторството во ова тензично време може да резултира само со злосторство и ништо повеќе од тоа? Зошто и како злосторот во нашиот генетски код е врежан длабоко во нас, и за кој треба да бидеме свесни за да можеме да превенираме? Претставата посочува, но и ја брани перспективата на сите ликови со цел да ја одржува неизвесноста која се случува внатре. Се работи за емотивен и тензичен ролеркостер за публиката, давајќи и доказ дека никогаш не може да се знае целосната вистина за она кое навистина се случило, оставајќи ја шокирана до крај.
Режисерот Борис Василески, за првпат режира во Прилепскиот театар. Истиот досега извел околу 360 премиери, а се одиграни преку 7 500 претстави кои ги гледале над 1, 7 милиони луѓе. Најгледаната и најиграна претстава, изведена стопати, е “Солунски патрдии” од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски.
Театарот во земјава го има приматот на куќа во која се даваат праизведби на текстови од македонски драмски автори. Од 2004 година работи во состав на ЦК “Марко Цепенков.