Home » 700 дела од 400 автори на Првото биенале на минијатурни графики и цртежи во Битола

700 дела од 400 автори на Првото биенале на минијатурни графики и цртежи во Битола

by culturalchat

Офицерскиот дом – КИЦ Битола живее со духот на ликовната уметност. Па така синоќа во Свечената сала се отвори Првото меѓународно биенале на минијатурни графики и цртежи – Битола 2023. Ова е најголем ликовен настан во земјава и регионот во овој период на годината, а единствен ваков во регионот. На Првото меѓународно графичко биенале се изложени над 700 дела работени во речиси сите графички техники, како и во скоро сите техники за изработка на цртежи: од јаглен, па се до акварел, акрилик, комбинирани техники итн.

Свое учество бележат околу 80 држави со над 400 автори. За оваа голема ликовна, светска манифестација и за нејзиното понатамошно презентирање, веќе пројавија интерес неколку ликовни центри , сакајќи да ја претставуват, популаризираат, афирмираат и во нивните средини. Автор и носител на проектот е ликовниот уметник и кустос Владо Ѓорески, кој оваа изложба ја поставува во соработка со КИЦ Битола.

Уште во првите ракописни записи, минијатурите се појавуваат како илуминации преку кои е толкуван светот, пред почетокот на секоја буква, светли и просветлени како крилјата на ангелот. Низ и оваа човечка „цивилизација“ тие секогаш постоеле и биле создавани надвор од претенциозниот историски нарцизам. Од „Јавачите на апокалипсата“, „Меланхолијата“ на Дирер, од „Мизеријата на војната“ на Кало, од „Капричосите“ и „Ужасите на војната“ на Гоја… тие постојат, осамено, скоро скришно и непознато, затоа што не се порачка за големите храмови, за царските палати, за дворците на аристократијата, за лавиринтите на политичките тврдини или банкарската парична логореа на „моќта“. Тие не се програмско преповторувано клише, без отстапки и излети надвор од устоличените измислени стилови. Тие мудро и незабележливо се провлекува низ неколкувековната хиерархиска цензура, всушност од почетокот на првите аномалии на престижното „јас“ и ништожното „ти“…

Големиот одзив и бројот на присутните дела, ја позиционираат оваа ликовна, меѓународна манифестација во високо рангиран контекст. За обележување е и специјалното присуство, односно одбраните колекции на 50 автори од Народна Република Кина, кои настапуваат како специфичен и авторски, кинески павилион, колекцијата на околу шеесетина автори од Италија, во избор и на истакнатата италијанска графичарка Валерија Бертесина. Присуството на најистакнатите полски графичари, една од најзначајните графички средини во светот. Како и големиот интерес на автори од скоро сите држави на латинска Америка од Мексико, Бразил, Аргентина. Битола дефинитивно е светски ликовен центар, со што македонската култура воопшто, е претставена со истакнато значење и придонес од интернационален карактер.

За изложбата се подготвува обемен каталог кој што ќе биде доставен до сите учесници, како и институции а воедно ќе биде позициониран на интернет платформи на кои се позиционирани каталози и книги од овој вид, со што ќе биде достапен до сите заинтересиран низ целиот свет.

 

 

Related Articles