Во црквата Св. Софија во Охрид, со почеток од 21 часот, концерт ќе одржи пијанистката Мимоза Ќека. На програмата се дела на Бетовен, Јаначек, Шопен и Лист.
Ќека, родена во Скопје е реномирана македонска пијанистка, која на 26-годишна возраст се стекнува со титулата доктор по музичка уметност при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје под менторство на проф. Тодор Светиев и проф. д-р Димитрије Бужаровски. Врз нејзиниот професионален и уметнички развој силно влијаaт повеќемина исклучителни уметници вклучително маестра Лилија Зилберштајн, под чие менторство ги завршува магистерските студии и се стекнува со диплома Магистер по музичка уметност.
Пијанистката Ќека настапува како уметник – изведувач на рецитали, како член на камерни ансамбли, пијано дуо и со симфониски оркестри. Нејзините интернационални гостувања вклучуваат концерти и солистички рецитали во Прага, Рим, Париз, Милано, Трст, Сиена, Бристол и Њујорк. Настапува на Летниот фестивал во Сиена, на Интернационалниот франкофонски фестивал „Солел“, a редовно настапува и на домашната сцена на фестивалите: „Есенски музички свечености,“ „Златна Лира” и Денови на македонска музика. За неа музичката критика ќе забележи „..Нејзината изведба се одликува со јасна и сугестивна творечка имагинација, со прецизно изработен динамички, артикулациски и ритмички план и извонредно изградена пијанистичка техника…“ „..Ќека фасцинира со емоционалната и физичка сила, а вулканската природа – очигледен столб врз кој таа со необјасниво лесен пристап ја совладува генијалната уметничка природа на Лист… “. Нејзиниот репертоар се протега од барок до современи автори, изведувајќи широк спектар на музички дела. Во 2022 година, Мимоза Ќека го издава својот соло албум „Non-Fungible“ со музика од Бах, Скрјабин и Барбер.
Пијанистката Ќека е носител на 10 високи државни и меѓународни награди и признанија на натпревари во Италија, Франција, Србија, Босна и Херцеговина и С. Македонија и има настапувано на голем број мајсторски курсеви во престижни музички академии меѓу кои Академија Киџана во Италија. Во 2019 година таа учествува во проектот TEME (Транснационален европски музички претприемач) во Италија, дел од програмата Music Moves Europe.