Во конгресниот центар на УКИМ во Охрид, свечено беше отворена јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, која ќе трае до 2 септември.
Станува збор за традиционалната манифестација, која веќе пет и пол децении се организира со учество на голем број лингвисти и македонисти од целиот свет и преку која се шири вистината за континуитетот, широката распространетост, убавината и моќта на македонскиот јазик.
Покрај учесници од земјите во кои се изучува македонистиката, годинава има учесници и од земји чиишто универзитети може во иднина да станат нови центри каде што ќе се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура. Мисијата на МСМЈЛК при УКИМ е од суштинско значење за државата. На отворањето се обратија претседателот на државата, Стево Пендаровски, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
„Сѐ додека постоиме и говориме на македонски, ниту една негација, фуснота, забелешка или што и да е, не ќе може да ја прикријат вистината. Сите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила. Ниту еден документ, декларација, изјава, не можат да обезбедат постоење и траење на еден јазик, ако не е жив односно ако никој не го употребува“, истакна во своето обраќање претседателот Пендаровски.
Обраќајќи им се на семинаристите на Школата, тој посочи дека очекува Семинарот да ја зајакне нивната лингвистичка врска со нашата земја, литература и култура, но и со македонските граѓани. Како што нагласи, учесниците на Летната школа градат трајни мостови кои ги поврзуваат луѓето.
Оваа година на Летната школа учествуваат семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република
Па така на истата учествуваат 3 студенти од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта (Боги Фодор, Ботонд Наѓ и Мате Немет), кои изучуваат македонски јазик кај лекторот Златко Панзов на универзитетот ЕЛТЕ.
Студентите се распоредени во јазичните групи за почетно и средно ниво. На Летната школа учествува и Анамарија Цинеге-Панзова, познат преведувач на унгарски и македонски јазик. На унгарски превела дела од Венко Андоновски, Гоце Смилевски, Лидија Димковска, Александар Прокопиев, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Давор Стојановски и др. Лекторот Златко Панзов ќе учествува и на XLIX Меѓународната конференција која ќе се одржи на 4-5 септември во Охрид и ќе зборува за рецепцијата на македонската современа литература во унгарската културна средина.
„Задоволен сум од програмата и квалитетната настава што ја овозможува Летната школа, студентите имаат можност да ги прошират своите знаења и непосредно да се запознаат со македонската култура. Јубилејна 55. Летната школа има богата програма, освен лекторските вежби, исполнета е со предавања, работилници за превод, школа за народни ора итн“, ни изјави Панзов.
Во рамките на програмата е и: промоцијата на Зборникот предавања на LIV летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура, промоција на учебниците по македонски јазик за странци „Тешкото“, „Лозје“ и „Везилка“, промоција на книгата „Охридски раскажувачи“ и „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“, предавање за глаголицата икирилицата низ призмата на богатото македонско културно-историско наследство и нивната примена, предавање за Гоце Делчев како културна икона, предавање за македонската традиционална култура, културно наследство и идентитет и редица и други.
По неколку дена поминати во Скопје, Панзов заедно со студентите и преведувачката Анамарија Цинеге-Панзова направија тура Маврово-Бигорски-Ростуше-Вевчани, тура која уште повеќе придонесува за поубаво запознавање на Македонија.
Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски на свеченото отварање ја истакна бројноста на учесниците на Школата и на земјите од коишто тие доаѓаат.
„Ова дополнително укажува дека мисијата на МСМЈЛК при УКИМ за афирмација на македонистиката и во тие рамки за промоција и на македонската култура постојано добива нови, поголеми димензии, при што Семинарот се издвојува како централното јадро на најстариот универзитет во земјата во промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот“.
„ Ние 55 години го пренесуваме и духот на нашите претходници и им ја всадуваме љубовта кон тој наш јазик на странските македонисти. Ако ја прифатиме мислата на Видгенштајн која гласи: „Границите на мојот јазик се поистоветуваат со границите на светот.”, тогаш, и границите на македонскиот јазик преку вас, изучувачи на македонскиот јазик од 17 земји на оваа 55. Летна школа, како и на сите досега 55 летни и 2 зимски школи, се поистоветуваат со границите на светот“, истакна директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска.
Учесниците лингвисти од странство ќе го надградуваат своето знаење на нашиот јазик, што само го надградува и одржува континуитетот на потврдената посебност на македонскиот јазик во лингвистиката и воопшто на меѓународен план . Најновите изданија на МСМЈЛК при УКИМ ги промовираа проф. д-р Борче Арсов, долгогодишен лектор на школите на МСМЈЛК при УКИМ и проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Летната школа се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура, а годинава за првпат и со финансика поддршка од Министерството за образование и наука, а дел од програмските активности се под покровителство на Општина Охрид и Општина Вевчани.