Со традиционалното дефиле од плоштадот Магнолија, започна 52-то издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „ Илинденски денови“. На дефилето учествуваа гостите кои годинава доаѓаат од Шпанија, Мексико, Колумбија, САД, Полска, Италија, Србија и десетици домашни ансамбли кои го донесоа националниот фолклор низ улиците на Битола.
А вечерта со изведбата на македонското оро „Комитско“, од страна на КУД „Илинден“ од Битола, и официјално се отвори фестивалот. Фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски кој во своето обраќање ја поздрави публиката и сите претставници на како што рече светската фолклорна ризница.
„Илинденските денови се културното ехо на Манифестот од 1903-та и универзалниот повик за слобода и за човечки правдини“, нагласи во својот говор министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска. Таа пред публиката во Битола, ги покани гостите од државата и светот да ги следат сите фестивалски вечери.
Во името на градот домаќин, учесниците и гостите ги поздрави градоначалникот Тони Коњановски, а во име на организаторот на фестивалот се обрати Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура-Битола.
„Од корените…до цветот“ е годинешниот слоган на фестивалот кој значи лето во
Битола, значи носење на светскиот фолклор на улиците и сцените низ нашиот убав
град, значи и поздрав и со нашите македонски игри и песни, обичаи, значи почит
кон традицијата и поглед вперен кон тоа како традицијата ни дава сила за
иднината, како и коренот што дава надеж за цветот. Досега можеби најбогатото фестивалско издание кое се шири со повеќе денови за разлика од порано, воведе и фестивал на етно филмови, носи нови интересни концерт соработки, иновира нови научни собири на тема етнологија, работилници во кои се оживува традицијата и неколку модерни етно перформанси кои се цветот на фестивалот, посадени врз корените на традицијата. Овој фестивал е фестивал кој чува, поттикнува на истражување, инспирира и креира и развива. Заради сето тоа денешната слика на фестивалот е еден прекрасен мозаик од традиција која потекнува од корените и од цветови кои ги сочинуваат креативноста и луѓето кои се дел од овој фестивал.
Селектор долги години кој стои зад комплетната програма и организација на фестивалот е Валентин Соклевски. Фестивалот Илинденски Денови во 2017 година, на еден од светските конгреси на CIOFF во Индонезија, стана сертифициран CIOFF Festival, еден од вкупно 100 најреномирани фолклорни фестивали ширум светот, исполнувајќи ги тие строги критериуми на оваа светска организација која е официјален пратнер на УНЕСКО, акредитирана од неговиот комитетот за чување и промовирање на традиционалната култура и фолклор кои се нематеријално светско културно наследство.
Изминатите денови во пресрет на настапите на културно-уметничките друштва и филкорни групи од државава и од странство, беа реализирани изложби, работилници и за првпат, Интернационалниот етнографски филмски фестивал. Во Битола, за првпат на Фестивалот и по Широк сокак, помина битолската коњаница „Галоп“ и до 2 август ќе се движи по патот на илинденците до Крушево.
Програмата на фестивалот „Илинденски денови“ продолжува до 30 јули, а настаните се одржуваат на повеќе локации во Битола: по Широк Сокак, во Магазата, низ Старата битолска чаршија, во Хераклеја и на Ракометно игралиште. Дел од вечерашната програма е и концертот на НУ. Ансамбл за македонски народни игри и песни „Танец“ од Скопје и Влатко Стефановски, кој ќе се одржи во Античкиот локалитет Хераклеја.
Во продолжение видеото од Тера телевизија.
Фолклорната разновидност од светот и од Македонија преку фестивалот Илинденски денови
previous post