Home » „Сите патишта водат во Рим“-Фатма Б.Аземовска за посетата на вечниот град

„Сите патишта водат во Рим“-Фатма Б.Аземовска за посетата на вечниот град

by culturalchat

„Сите патишта водат во РИМ… и навистина е така. Овој град секојдневно го чувствува тоа. Илјадници туристи кои постојано го посетуваат градот, се уверуваат во фактот дека тој има одбележано една цела епоха во светската историја. Италија поседува толку богата култура, историски знаменитости и природна убавина што туризмот во неа “цвета” во текот на целата година. Италија не е само земја на вкусна храна, убави луѓе, специфични вина и одлична клима, туку и на огромен број природни убавини, каде и да се свртиш имаш што да видиш и да научиш“, вака го започна опишувањето на своето патување при разговорот со нас, Фатма Бајрам-Аземовска, претседателка и основач на здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“. Таа е и првиот магистрант по библиотекарство во земјава. По студиите на Филозофскиот факултет – Институт за педагогија магистрирала на отсекот библиотекарство, а денес повеќе години наученото го реализира во практика, имено таа е вработена во битолската универзитетска библиотека „Климент Охридски“ и е една од најактивните библиотекари во Македонија, со често организирани настани и активности за промоција на книгите, книжевноста и библиотеката. Фатма е и EPALE амбасадор во Македонија.

Минатата година беше добитник на наградата за интеграција на Ромите која Европската Унија ја доделува на поединци и организации кои придонеле за интеграција на Ромите во Западен Балкан и Турција.

За своето исклучително остварување во областа на човековите права во 2008 година доби награда од американската амбасада во Република Македонија, а исто така е добитничка и на наградата „13 Ноември“ од град Скопје за 2013 година. Добитничка е и на признанието библиотекар на годината, кое се доделува за врвни достигнувања од областа на библиотекарството и информациската дејност од јавните библиотеки, за 2020 година.

Таа често патува и посетива повеќе земји, а неодамна се врати од Рим. Градот каде милиони туристи постојано го посетуваат градот, се уверуваат во фактот дека тој има одбележано една цела епоха во светската историја. Попознат како “Римското царство”, овој период од светската историја и денес е видлив благодарејќи им на многуте споменици кои сочувани од забот на времето сеуштe го красат овој град.  Вечниот град , врвната туристичка дестинација во Италија може да се пофали и со многу добри ресторани и кафе барови, добар ноќен живот и живи улици и плоштади.

Како дојде до идеја да го посетиш Рим? 

Ф.Б.А.- Се започна во 2017 година, кога во Битола се прикажа балетот „Клеопатра“ на Македонската опера и балет. На балетот беа присутни сопругот Нешат и ќерката Леона. Леона беше воодушевена од целата претстава. Па почнавме да истражуваме за историјата на Клеопатра.  Клеопатра била позната по нејзините врски со водечките Римјани, Јулиј Цезар и Марк Антониј. За да можеме повеќе да истражуваме и да го прославиме роденденот на Леона,  решивме целото семејство во месец јули 2017 година да одиме во Рим да уживаме.  За да може ќерката да се почувствува како Клеопатра на Леона и купивме костим да може таму да го облече.

Кои се твоите впечатоци од таму?

Ф.Б.А.- Прекрасни, не можат да се опишат, треба да доживеат. И секогаш чувствата се различни.  Италија е една од нашите омилени земји во кои уживаме.  Италија поседува толку богата култура, историски знаменитости и природна убавина што туризмот во неа “цвета” во текот на целата година. Италија не е само земја на вкусна храна, убави луѓе, специфични вина и одлична клима, туку и на огромен број природни убавини, каде и да се свртиш имаш што да видиш и да научиш.  Луѓето се љубезни, убави во душата, скромни, весели, комуникативни.

Имав можност и среќа неколку пати да ја посетиме Италија, приватно и службено. И благодарение на Еразмус проектите да ја посетиме. Мило ми е што преку „Сумнал“ – здружението за развој на ромската заедница  повеќе млади од нашата земја ја посетија Италија и учествуваа  на различни размени, тренинзи итн.

Што се посетивте?

Ф.Б.А.- Сите патишта водат во РИМ… и навистина е така. Овој град секојдневно го чувствува тоа. Илјадници туристи кои постојано го посетуваат градот, се уверуваат во фактот дека тој има одбележано една цела епоха во светската историја. Попознат како “Римското царство”, овој период од светската историја и денес е видлив благодарејќи им на мноштвото споменици кои сочувани од забот на времето се уштe го красат овој град…

Античките рушевини, Форумот и Колосеумот, ја прикажуваат моќта на поранешната Римска империја затоа ги посетуваме овие места и разговараме со децата за историјата, потоа Ватикан седиштето на Римокатоличката црква, со базиликата на Свети Петар и музеите на Ватикан, во кои се сместени ремек-делата на Микеланџело… Фонтаната Ди Треви и легендата за фрлање паричка за повторно враќање во Рим , Шпанските скали  познати како “дневна соба на градот”.  Секогаш фрламе  паричка во фонтаната Ди Треви и веруваме во неа и затоа одиме често и секогаш различно  му се восхитуваме на колосеумот и уживам во совршеното  еспресо и лате макијато, децата го обожаваат сладоледот и пицата.

 

Потоа тука е Плоштадот Дел Пополо, Виа Дел Корсо, Плоштадот Венеција со споменикот на Виктор Емануеле, мостовите на Тибар, Палатата на Правдата, Тврдината Сан Ангело, Црквата Св. Петар. Паркот Тиволи со прекрасната Вила Д’Есте – е најубавиот пример и симбол на италијанската ренесанса, заштитена од  УНЕСКО како Светско културно наследство. Вилата е позната по прекрасните фонтани кои се вистински уметнички дела.

Каков е животот во Рим после пандемијата? 

Ф.Б.А.- Се врати животот во Рим после пандемијата, илјадници луѓе се присутни на улиците. Не може така лесно да се најде   место ако сакате да се напиете кафе или да јадете. Луѓето се сепак внимателни, во јавниот превоз италијанците носат маски.

Какви се мерките за заштита за патување до Италија, но и таму? 

Ф.Б.А.- Нема никакви меркa.  Многу е лесно сега да се патува. Верувам дека и во иднина ќе можете да патуваме без никакви ограничувања.

Ова не е твоја прва посета на Рим, што е она што те привлекува најмногу за повторни посети? 

Ф.Б.А.- Рим не е изграден за еден ден и секогаш ни требаат денови за да ја почувствуваме магијата на овој безвременски град. Вистински колаж од плоштади, пазари и историски знаменитости од непроценлива вредност.     Мислам дека ми треба најмалку еден месец да го разгледам градот, иако секогаш ги посетувам истите места затоа што е прекрасно чувство, побудува радост во секој од нас.

Кој совет би им го дала на пријателите кои сакаат да го посетат Рим?

Ф.Б.А.- Да патуваат низ светот и да можат да уживаат во чувството на слобода што го имате секогаш кога ќе откриете нови места. Патувањето по светот значи проширување на умот, знаењето и пред се, учење од светот и од луѓето.  Ако има нешто што сите ќе ги  посоветувам, тоа е да патуват повеќе.

Да патуваат на некое место каде што не биле порано, на флексибилен начин и дека токму животот е тоа што ви дава можности да бидете во можност да научат нови работи. Не знаете што животот Ви носи, уживајте во времето, затоа што после и се живее со тие спомени. Исто така да можат да ги носат и децата на патувањата, тоа е инвестиција во децата. И на крај едноставно да уживаат во патувањата,  да имаат позитивна енергија, удобни патики, пријатна облека и авантуристички дух и да си уживаат едноставно, да се препуштат на магијата.

 

Related Articles