Home » „Зелена граматика (ирационално) во Центарот за култура – Битола

„Зелена граматика (ирационално) во Центарот за култура – Битола

by culturalchat

Денес со почеток од 19:00 часот на Новата сцена при Центарот за култура – Битола, ќе се одригра експерименталниот видео театарски проект „Зелена граматика (ирационално), во изведба на актерот Здравко Стојмиров.

Се работи за проект на кој креатор, автор, продуцент, режисер и визуелен драматург е Иванка Апостолова Баскар и кој ги истражува противречностите на современата еколошка свест преку ефектот на Рашомон, во кој повеќе спротивставени, но навидум веродостојни перспективи откриваат различни верзии на една иста стварност. Структурирана во пет меѓусебно поврзани поглавја, претставата развива метафоричка граматика на еколошката криза: ЕКО редоследот на зборовите ги преиспитува загадувањето и профитот; ЕКО интерпункцијата ги разобличува експлоатацијата, алчноста и лажното каење; ЕКО времето и придавките се соочуваат со еколошките катастрофи и токсичната самосвест; ЕКО определувачите им даваат антропоморфни гласови на нарушените природни елементи – воздухот, земјата, водата, огнот и металот; додека ЕКО сврзниците ги истражуваат сиромаштијата, климатската анксиозност, еколошкиот активизам и колективната беспомошност. Изведено од еден актер, кој отелотворува повеќе човечки, симболички и алегориски ликови, делото го спојува минималистичкиот театарски израз со филмската слика, фотографијата, звукот и дигиталната визуелна драматургија. Движејќи се меѓу иронијата, апсурдот, еколошкото сведоштво и егзистенцијалната рефлексија, ЗЕЛЕНА ГРАМАТИКА (ИРАЦИОНАЛНО) го преиспитува јазикот на одговорноста кон животната средина во свет во кој оние што уништуваат, експлоатираат, страдаат и се спротивставуваат, секој од својата позиција, ја застапуваат сопствената верзија на вистината. Камера и монтажа Михаило Апостолов, фотографии и асистент на камера Весна Бришкоска Апостолова, светло Игор Мицевски. Репризните изведби се на 13-ти и 24-ти ноември од 19 часот.

Related Articles