Home » Концерт на удирачкиот камерен состав – Белдрум од Словенија во Битола

Концерт на удирачкиот камерен состав – Белдрум од Словенија во Битола

by culturalchat

На 26.10.2026 година, со почеток од 18 часот, во Државното музичко училиште, Новиот објект, ќе се одржи Концерт на удирачкиот камерен состав – Белдрум од Словенија. Овој состав веќе шест години работи под покровителство на Музичкото училиште Белтинци, каде што е и основан. Составот ги обединува сегашните и поранешните ученици од одделот за удирачки инструменти, кои ги поврзуваат љубовта кон музиката и задоволството од заедничкото музицирање. Составот изведува разновиден музички репертоар на класични ударни инструменти, при што членовите преку заедничкото творештво ја развиваат својата музичка изразност, техничките вештини и чувството за ансамблово музицирање. Посебноста на групата е токму во нејзината поврзаност, бидејќи членовите, и покрај тоа што некои од нив веќе го завршиле своето музичко образование, сè уште со задоволство се среќаваат, заедно создаваат и го надградуваат и усовршуваат своето музичко знаење. Така, Белдрум не е само камерен состав, туку и простор за пријателство, креативност и заеднички музички развој.
Во текот на своето постоење, групата успешно се претставила на бројни настапи и самостојни концерти, како на домашната сцена, така и во странство. Покрај концертите во својата локална средина и во Трбовље (Словенија), составот настапил и во Суботица (Србија), како и во Хрватска. Членови на групата се: Амадеј Цер (Amadej Cör), Тим Лутар (Tim Lutar), Патрик Вурушич (Patrik Vurušič) и Денис Димитриќ (Denis Dimitrić). Исто така на овој концерт ќе им се приклучат и дел од учениците од отсекот по Удирачки инструменти на Државното музичко училиште Битола.

 

Related Articles