На 26 октомври, понеделник, во 19 часот, писателката Ксенија Николова ќе гостува во Книжевниот клуб Утопија во Битола. Вечерта ќе биде посветена на нејзиното целокупно творештво, но и на темите што од книжевните страници се пренесуваат во секојдневието, од љубовта и личните избори до односите со другите и разбирањето на сопствените постапки.
Авторката на „Емотивен манипулатор“, „Сите мажи ја сакаат Лиа“, „Незадоволна“, „Зад маските“ и „Секој цвет има свое време“ создава приказни во кои внатрешните борби на ликовите се испреплетуваат со семејните односи, општествените очекувања и потребата да се пронајде сопствен пат. Нејзините книги отвораат простор за препознавање, но и за преиспитување на она што често го прифаќаме како даденост во сопствениот живот. Токму таа врска меѓу читањето и личното искуство ќе биде во средиштето на разговорот во Утопија. Како настануваат нејзините ликови, кои прашања ја враќаат кон пишувањето и што се случува кога читателот во туѓа приказна ќе препознае дел од својата?
Покрај книжевното творештво, вечерта ќе го опфати и нејзиниот ангажман за поголема свесност за менталното здравје, личниот развој и поддршката меѓу жените. Како основачка на иницијативата Better Women Better World, Николова ги продолжува овие разговори и надвор од книгите, преку поврзување, споделување искуства и охрабрување на жените да го пронајдат сопствениот глас. Средбата е наменета за читателите што веќе го познаваат нејзиното творештво, како и за оние што допрва ќе го откриваат. Во текот на вечерта, книгите на Ксенија Николова ќе бидат достапни за купување преку Book House.
Влезот е слободен.
