Престижната награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“ на годинешното издание на истоимениот фестивал во Струмица, му се додели на актерот Александар Степанулески за улогата на Луков во претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, во изведба на Прилепскиот народен театар.
Одлуката е донесена едногласно од жири-комисијата на 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ – Струмица 2026, во состав: Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, претседателка, и Биљана Ѓуровиќ и Иван Додовски, членови.
Во своето образложение, жири-комисијата истакнува дека Степанулески го гради Луков како фигура на привидна неприкосновена моќ, која постепено се распаѓа и ги открива стравот, зависноста и моралната разграденост на ликот.
„Со силно сценско присуство, прецизни промени на актерските регистри и уверлива игра на авторитетот и неговото нарушување, тој ја разоткрива сложената противречност на човекот што манипулира, заплашува и организира политичко убиство, а истовремено останува заробеник на системот на кој му служи“. Со доделувањето на наградата за највисоко актерско остварување заврши 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. Директорот Ванчо Ристов Патриков упати благодарност до покровителите – Министерството за култура и туризам, Општина Струмица и Градоначалникот, до медиумите, а најмногу до публиката, која шест дена ги полнеше салите и беше најубавиот дел од фестивалската приказна. 

Како знак на благодарност, златен медалјон со ликот на Ристо Шишков им беше врачен на селекторот и членовите на жири-комисијата, како и на г. Ѓорѓи Калајџиев, за неговата 34-годишна соработка и посветеност кон фестивалот. Наградата „Ристо Шишков“ продолжува да го слави врвното актерско мајсторство и да ја потврдува својата исклучителна вредност во македонскиот и регионалниот театарски простор.
Силна актерска игра и моќни емоции, во „Црнила“ според Коле Чашуле, во продукција на Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, беше прикажана на последната вечер. Претставата е во режија на Дејан Пројковски, а покрај Степанулески играат и: Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа / Марија Спиркоска Илијеска, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески, Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.





