Под отворено небо на Rooftop Open Air Cinema, Синеплекс и Скопје Сити Мол им приредија на скопјани ретка можност повторно да го погледнат македонскиот филм „Џган“ на Вардан Тозија, кој годинава одбележува 10 години од светската премиера. Оваа потресна и бескомпромисна социјална драма за момче кое станува производ на средината во која расте — за насилството зад кое стојат отуѓеноста, занемарувањето, потребата за припадност, злоупотребата на моќта и, над сè, неуспехот на возрасните и институциите навреме да го препознаат човекот зад проблемот — по десет години не само што не изгледа застарено, туку, за жал, приказната станува сè поактуелна.
Тозија своевремено го опиша „Џган“ како „крик на очај и гнев“ — роден од времето во кое живееме, од мрачните лавиринти и од молкот на оние кои не успеваат или не се осмелуваат да променат нешто. Во филмот, тој молк го прекинуваат најранливите, оние турнати на маргините, кои на системот, кој е насилен со нив му возвраќаат со насилство. По проекцијата, филмската екипа разговараше со публиката и одговараше на прашања, кои и денес остануваат отворени: Што се случува кога училиштето, институциите и системот ќе потфрлат? Каде почнува и каде завршува одговорноста на возрасните? Можеме ли да се препознаеме себеси во луѓето кои гледаат, знаат, но молчат? И може ли блискоста и емпатијата да допрат до човек, кој веќе е длабоко заробен во сопствениот гнев?
Вардан Тозија, Никола Ристановски, Сара Климоска и продуцентот Огнен Антов говореа за филмот, но и за светот во кој „Џган“ денес повторно го наоѓа своето место. А можеби токму Огнен Антов најдобро го опиша неговиот десетгодишен живот: „Не гледаме филм од пред десет години, туку приказна која не застарела во ниту еден кадар“. И токму тука лежи најтешкиот одговор на прашањето дали „Џган“ остарел: Не. Остареа само нашите надежи дека проблемите, кои ги отвора филмот сами ќе исчезнат, како што рече и Ристановски: „Што правиме ние, возрасните, за светот што им го оставаме на оние, кои доаѓаат по нас?“
Секој одговор на филмската екипа беше проследен со силен аплауз.
10 години „Џган“. Филм, кој не престанува да прашува — и филм кој, по десет години, сè уште чека повторно да биде откриен.
