На Новата сцена при НУ Центар за култура – Битола, беше отворена изложбата „Дама со девет камења“ на Иванчо Талевски во соработка со Васко Дуковски.
Следниот ден, Талевски одржа предавање и анализа посветени на состојбата со изгубените цртежи на Марко Цепенков и патешествието на овој проект. „Дама со девет камења“ е истражувачки мултимедијален изложбен проект кој преку имагинативен разговор оддава важност и го комплицира значењето на изгубените цртежи на еминентниот собирач на народно творештво, Марко Цепенков. Преку цртеж, графика, проекции и звук, проектот го елаборира и го продлабочува поимувањето на минатото како материјал, со цел да евоцира прашања околу индивидуалната и колективната меморија, историја и припадност, нивното бележење, опстојување и бришење. Цртежот во овој изложбен проект се третира како јазик кој фигурира како кревок опис при бележењето и интерпретацијата на историските и општествените процеси.
Во проектот, исклучителниот музичар и композитор, Васко Дуковски, кој живее и работи во Шангај, преку свои исцртани музички нотации базирани врз избрани цртежи од Цепенков презентира звучен и визуелен материјал кој ќе биде представен како дел од овој проект.
Изложбениот проект на Нова сцена при НУ Центар за култура – Битола претставуваше адаптација и нова обработка на творештвото кое беше претставено пред публиката во МАНУ како академски труд во 2020 година, во Националната галерија „Чифте амам“ во Скопје во 2022 година и во Центарот за графика во Филаделфија, САД, во септември 2021 година.




