Битолското културно лето „БитФест“ секогаш изобилува со фестивалски новини, а годинава, кај публиката посебен интерес предизвикува проектот „Културен Хорологион“ на авторот проф. д-р Марјан Танушевски, истражувач и публицист. Повод за нашиот краток разговор со универзитетскиот професор Танушевски е токму проектот „Културен Хорологион“ за кој тој вели дека го зајакнува туристичкиот крвоток на градот, ја отвора културната мапа и доближува избрани теми преполни со универзални вредности.

-Првото внимание на секој културен претчас го предизвикува самиот наслов на проектот „Културен Хорологион“. Зборот хорологион на латински јазик значи сончев часовник, а првиот сончев часовник изработен од камен е пронајден во Хераклеја. Пронајден е и постаментот на сончевиот часовник хорологион (види фото), а експерите од битолскиот Музеј прочитаа дека сончевиот часовник хорологион е изразботен во 157 година или во вториот век и е донација од Лукиј Мариј. Овој пронајдок е изложен во НУ Завод и Музеј Битола и тоа е доволна причина за нови туристи. Но, тоа што мене дополнително ме мотивираше во комуникацијата со публиката на „БитФест“ е желбата да им понудам што повеќе помалку познати, а за некои посетители и воопшто непознати информации за нашиот град, ни рече д-р Танушевски.
Зголемувајќи ја нашата љубопитност, побаравме дополнителни занимливости поврзани со проектот „Културен Хорологион“.
-Мојата задача е ненаметливо да едуцирам и јасно да информирам. Моќта наративно да се пренесуваат факти кои сведочат за безвременски спомени од минатото на градот е важна за аудиториумот на „БитФест“. Домашната публика, но и гости од државата и странство слушнаа за втемелувањето на велелепното здание Офицерски дом кое датира од 1909 година, а во еден период управувано од Министерството за морнарица (1932 година), за нашиот Широк сокак чиј лик се оформува во 19. век и притоа низ историјата дури шест пати бил именуван и преименуван. За потсетување на читателите, првото име на главната улица во нашиот град било „Хамиди џадеси“, потоа „Авенија на слободата“, па „Крал Петар“, „Цар Борис“, „Маршал Тито“ и од 2012 година со одлука на Советот на Општина Битола, улицата се вика „Широк сокак“. Но, најголем дел од посетителите на градот не знаат дека на реката Драгор има 16 мостови, секој со свое име и историја, или дека врвот Пелистер е создаден пред 465 милиони години. Овие детали, развиени низ интерактивна комуникација, се нова вредност на „БитФест“, вели д-р Танушевски.
„Културен Хорологион“ е наменет за сите генерации и претставува промотор за културниот туризам на градот, заклучивме во разговорот што го водевме со професор д-р Марјан Танушевски, автор на проектот.
