Home » Битола подготвена за 56. издание на Интернационалниот фестивал „Илинденски денови“

Битола подготвена за 56. издание на Интернационалниот фестивал „Илинденски денови“

by culturalchat

На 14 јули започнува 56. издание на Интернационалниот фестивал „Илинденски денови“ едно од најзначајните и најдолговечни случувања посветени на фолклорот, етнологијата и нематеријалното културно наследство во овој дел од светот. Во осумнаесет денови, Битола повторно ќе стане точка на поврзување. Град во кој ќе се сретнат врвни ансамбли од различни делови на светот, етнолози, етнокореолози, истражувачи, музиколози, филмски автори и љубители на традицијата. Место каде што се разменуваат знаења, се отвораат нови перспективи за зачувување на нематеријалното културно наследство.
Секоја година фестивалот добива нов визуелен идентитет, а оваа година тој е инспириран од една едноставна, но моќна форма од природата.
Глуварчето.
Зошто токму тоа?
Глуварчето…Не е ружа….Не е лале…..Не е орхидеја.
Не е цвет што некој го одгледува, изложува или го подарува во свечени пригоди.
Глуварчето е коров.
Расте покрај патишта, меѓу камења, на запуштени места, на ливади и дворови. Луѓето често се обидуваат да го искоренат, а сепак секоја пролет повторно се појавува. Упорно. Тивко. Непокорно.
Но постои една необична противречност.
Тоа е можеби единствениот цвет на светот на кој луѓето му доверуваат желби.
Го дуваат внимателно, ги затвораат очите и за момент веруваат дека нешто може да отпатува подалеку од нив самите. Дека една мисла, еден сон или едно сеќавање може да се пренесе преку ветерот. Токму затоа глуварчето не е симбол на совршенството.
Тоа е симбол на истрајноста. На работите што преживуваат и кога никој не се грижи за нив.
На приказните што патуваат од човек до човек. На традициите што се пренесуваат од генерација на генерација.
На културата која, како и семето на глуварчето, никогаш не останува на едно место.
Лета, се раскажува, се споделува, се менува и повторно пушта корени.
Во таа смисла, глуварчето е совршена метафора за „Илинденски денови“ … фестивал кој повеќе од половина век ги собира луѓето, спомените, песните, игрите и приказните од различни краеви на светот и ги претвора во заедничко искуство.
Не најубавиот цвет.
Туку можеби најиздржливиот. И најчовечкиот.
Затоа што не ги задржува своите семиња. Ги пушта да патуваат, знаејќи дека секое од нив ќе продолжи да живее на ново место. Токму како и традицијата.
Во следните денови ќе ви ја раскажеме приказната зад новиот визуелен идентитет на 56. „Илинденски денови“ и ќе откриеме зошто едно глуварче стана симбол на годинашната тема – Точка на поврзување .
Да ги дочекаме како организатори и како град домаќин на фестувалот гостите од целиот свет на 56. „Илинденски денови“.
Да ја започнеме приказната.

Related Articles