Осиек е мултинационален, мултиетнички град во Хрватска, со богато историско и културно наследство. Град на соживот и меѓусебна соработка на 22 национални малцинства. Со желба да им се овозможи уште подобро претставување на нивната традиција, култура и обичаи, Градскиот Совет секоја година го одбележува денот на националните малцинства на Град Осиек.
Годинава, организатори беа шесте Совети на националните малцинства (Албанци, Бошњаци, Германци, Срби, Словаци иУнгарци) и трите претставници (Црногорци, Македонци и Словенци) чиј изборен мандат се обновува секои четири години на малцинските избори. Тие, заедно со нивните културни малцински друштва но и со другите кои делуваат во градот зедоа учество во прославата, според можностите за припреми во пандемискиот период.
Македонците од Осиек ги претстави избраната претставничка на македонско национално малцинство за Град Осиек, Јагода Тренеска Цветичанин, која беше воедно и уметнички координатор на музичко/сценската програма. Таа, заедно со активните членови на Македонското културно друштво „Браќа Миладиновци“ чиј претседател е Борис Трајановски, им понудија на посетителите македонски содржини на сите полиња од културното делување на Друштвото.
Прославата се одвиваше на две локации, во два дена. На сцената на главниот плоштад Анте Старчевиќ, се одвиваше богата културно-уметничка програма со учество на 11 малцински културни друштва и солисти.
Во исто време, плоштадот беше исполнет со штандови на вкупно 15 национални малцинства кои ги понудија своите национални кулинарски специјалитети, ракотворби и ликовни креации.
Присутните гости и учесници ги поздрави директорот на канцеларијата за човекови права и права на националните малцинства во Р.Х. Ален Тахири, потпретседателот на Советот за национални малцинства на Р.Х. Владимир Хам и Анто Ѓапиќ, градски пратеник во име на градоначалникот Иван Радиќ.
Меѓу гостите присуствуваа и Амбасадор на Македонија во Хрватска, Милаим Фетаи и ополномоштената министерка Маја Апостолова Балабурски кои беа со радост пречекани од Македонците во градот на Драва.
Вториот ден, беше резервиран за издаваштвото на малцинствата, на настанот „Разговори со книгата“ . Македонците беа застапени со најновата книга „На каучот од Зигмунд Фројд“ на Јулијана Младеновска-Тешија. Така, богатството на различните јазици, носии, мелодии, ритмови, песни, кореографии, рачни изработки, како и вкусови од националните солени и слатки делиции кои будеа емоции и носталгија кон родните краеви на нивните претци,оставија пораки и желби за повторни и слични активности.