Во рамките на четиринаесетата меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“ во НУУБ. Св Климент Охридски Битола, беше промовирана новата збирка поезија „Трпеливо времe“ на авторката Елизабета Јончиќ, која си доби признание, награда Книжевен круг за поезија. За збирката зборуваа Весна Мундишевска-Велјановска и Михајло Свидерски.
„Сликите во песните се доловени со градирање на степените на аглите на гледање на болната реалност. Сензибилизирани се со брановни треперења на кревката душа, но и со многу верба и потенцијална енергија на Човекот сопоставен со себе и позициониран кон другите како задвижувачка сила на позитивните промени кои вибрираат во просторот на човекувањето анулирајќи ја временската димензија. Оттука и трпеливоста на времето кое како независна категорија има време да чека.“ – истакна Весна Мундижевска-Велјановска.
„Книгата поезија „Трпеливо време“ од поетесата Елизабета Јончиќ ги буди универзалните аспекти од човековиот живот, не принудува да се навраќаме и да препрочитуваме за да не фати во мрежата на новиот модернистички живот, точно во моментот кога не сакаме да слушаме. Не за да не прекори, туку за да го пренесе универзалното во човековата душа. Книгата е длабоко посветена на моќта на јазикот и зборовите во искуствата од секојдневниот живот.“ – истакна Михајло Свидерски.
