Home » Членовите на библиотекарско-медијаторската секција од ОУРЦ „Кочо Рацин“ го одбележаа Денот на македонскиот јазик

Членовите на библиотекарско-медијаторската секција од ОУРЦ „Кочо Рацин“ го одбележаа Денот на македонскиот јазик

by culturalchat

По повод  5.Мај – Денот на македонскиот јазик, во НУУБ „Св. Климент Охридски“ успешно се реализираше креативен и инспиративен настан посветен на убавината на мајчиниот јазик, при што учениците – членови на библиотекарско-медијаторската секција од ОУРЦ „Кочо Рацин“, ја посетија читалната посветена на ликот и делото на истакнатиот битолски драматург Горан Стефановски и се запознаа со неговото богато творештво и значајниот придонес кон македонската култура.
Во пријатна и поттикнувачка атмосфера во читалната, учениците проследија дел од култната серија Бушава азбука, користејќи материјали од медијотеката на Македонската телевизија, при што беше истакнато дека автор на оваа незаборавна серија е токму Горан Стефановски. Преку оваа активност, тие не само што се запознаа со вредностите на македонскиот јазик, туку и ја развиваа својата медиумска писменост – во духот на нивната библиотекарско-медијаторска улога. Со љубопитност и креативна енергија, секој посетител избра цртеж од „Бушавата боенка“, истражувајќи ги буквите и поимите од македонскиот јазик.
Посебна вредност на работилницата даде вклучувањето на знаковниот јазик, преку кој бушавите македонски букви и поими беа претставени, овозможувајќи целосна инклузија и активно учество на учениците со оштетен слух. Бушавиот весел настан помина во духот на заедништво и радост, потсетувајќи нè дека јазикот не е само средство за комуникација, туку и дом на нашата култура и идентитет. Бушавите букви поврзуваат генерации – без разлика дали ги изговараме, пишуваме или ги покажуваме со раце.

Related Articles