Делегација од македонската Агенција за иновации, научен и технолошки развој и претприемништво (ИНОВА) предводена од директорката, Даниела Димовска, оствари официјална посета на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Во рамките на посетата на македонскиот КИЦ беше одржана работна средба меѓу директорката на МКИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска и директорката на Агенцијата за иновации, научен и технолошки развој и претприемништво (ИНОВА), Даниела Димовска на која беа иницирани идни потенцијални соработки.
Посебен акцент беше ставен на поврзување на иновацискиот и претприемничкиот сектор со културната дипломатија, како и креирање на заеднички иницијативи што би придонеле за промоција на македонските иновативни потенцијали во меѓународен контекст. За време на својата посета на македонскиот КИЦ членовите на делегацијата на ИНОВА имаа можност да ја видат изложбата на Националната Галерија „Простори на конјункција“, која претставува значаен придонес во афирмацијата на современата македонска уметност во странство.
Вработените на ИНОВА иницираа лична донација на книги за македонскиот КИЦ во Загреб, со цел поддршка на културната размена и промоција на знаењето. Донацијата официјално беше предадена од директорката на Даниела Димовска, како симболичен, но значаен гест на пријателство и соработка меѓу двете институции. 


