Македонскиот Културно Информативен центар во Загреб, годината ја започна со кино-премиерата во Хрватска на македонскиот документарен филм, „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, која на сите ни е позната по нејзиното претходно филмско остварување „Медена земја“, за кое беше номинирана за најпрестижната филмска награда – Оскар.
Покрај водителката на „Докукино“, Дина Покрајац, публиката со воведни зборови ја поздрави Мими Ѓорѓоска Илиевска, директорка и советничка за култура на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Загреб.
„Изразуваме благодарност за поканата од страна на хрватскиот дистрибутер #Рестарт и #VolimDokumentarce, македонскиот КИЦ во Загреб да биде еден од партнерите на кино-премиерата и дистрибуцијата во Хрватска на „Приказната за Силјан“ кој што својата премиера ја имаше на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Венеција и е добитник на повеќе награди на меѓународни фестивали“.
Македонскиот КИЦ во Загреб преку вакви соработки, не само што ги шири хоризонтите на регионалната културна сцена, туку доследно и достоинствено ја презентира македонската култура, филм и авторство надвор од националните граници, градејќи мостови на разбирање, дијалог и културна размена, во насока на промоција на македонските и хрватските културни вредности. Филмот е закажан за Докукино Киц во петок, 30 јануари во 19:00 часот и во недела, 1 февруари во 17:00 часот!
Фотографии: Себастијан Боровчак



