Home » Давор Неќак ќе настапи со Влатко Стефановски и Тамбурашкиот оркестар на ХРТ

Давор Неќак ќе настапи со Влатко Стефановски и Тамбурашкиот оркестар на ХРТ

by culturalchat

На 26.11 во 20 часот, баритонот Давор Неќак, ќе настапи како гостин на концертот на Влатко Стефановски и Тамбурашкиот оркестар на ХРТ. Тој ќе изведе две македонски песни, а за една од нив ќе се претстави пред публиката и како аранжер.
„ Голема благодарност до Маестро Матија Фортуна за идејата, поканата и довербата. Ова ќе биде мојот прв настап со овој оркестар, што особено ме радува“, вели Давор.

Во најавата за концертот ХРТ пишува: Неќак е роден во Битола и од сезоната 2023/2024 е солист на Хрватскиот народен театар во Загреб, кој покрај оперскиот репертоар и улогите што ги изведува во својот матичен театар, ја негува и Македонската традиција.

А за Стефановски: Еден од најважните и најпрепознатливите гитаристи од овој регион, Влатко Стефановски, доаѓа со концерт што не смеете да го пропуштите. Неговата виртуозност, единствена техника и моќна емоција во секоја нота создадоа незаборавни настапи – без разлика дали свиреше во интимен клуб или пред илјадници на стадиони низ Европа и Америка. Минатогодишното гостување на Теодосиј Спасов, со дуото Хојсак и Новосел во циклусот „Во атмосферата на тамбурата“, покажа како џезот и етно-џезот одлично се вклопуваат со звукот на тамбурашки оркестар, што ја поттикна соработката со Влатко Стефановски. Како исклучителен виртуоз на својот инструмент, поврзан со традицијата на регионот од кој потекнува – Македонија – тој ќе ни покаже како сложените ритми на македонскиот фолклор можат да се поврзат со хрватскиот фолклор и тамбурата. Долгогодишните соработници и на Влатко Стефановски и на Тамбурашкиот оркестар на ХРТ, Тихомир Хојсак и Филип Новосел, овој пат повторно ќе го дадат својот придонес, но не на сцената, туку како аранжери.

 

 

Related Articles