Home » Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ вечерва го затвора 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ вечерва го затвора 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“

by culturalchat

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ вечерва го затвора 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Денеска на прес конференција беше тимот на филмот: Наум Доксевски, кинематографер, Ивана Шекутковска, продуцент, тројца од главните актери: Дора Акан Златанова, Агуш Агушев, и Ариф Јакуб, Ѓорѓи Унковски, режисер и Иван Унковски, продуцент.-Локациите за нас беа голема инспирација. Уште кога почнавме да го подготвуваме филмот бевме во источниот дел на Македонија. Тие се мошне филмични и беа главна алатка за визуелниот јазик. Поминавме доста време во истражување на локациите и тоа се гледа во филмот. Боите на фолклорот на Јуруците за мене како кинематографер беа највпечатливи, особено носиите на жените и тоа ме инспирираше за понатамошто обликување на филмот, рече кинематограферот Наум Доксевски.

Додаде дека имале доста предизвици на снимањето на сцените со животни и секакви временски услови, но го освоила енергијата која ја имале на снимањето која на крај резултирала со одличен филм.

За режисерот Ѓорѓи Унковски идејата за техно забавата во шумата каде шета еден овчар и овци дошла од еден контраст меѓу две генерации кој постои не само кај Јуруците.

-Контрастот доаѓа меѓу две генерации од кои едната растела во сиромашни услови, а другата со многуподостапни информации и голем пристап до технологија. Тој контраст секогаш ми бил интересен и од таму потекна целата приказна, рече Унковски и рече дека паралелно развива две нови сценарија во моментов.Продуцентите Ивана Шекутковска и Иван Унковски посочија дека монтажата всушност додала приказна на целиот филм, и дека од 1 октомври ќе биде во кината низ Македонија, оди на фестивал во Лондон, а киноприкажување ќе има од следната година во цела Европа, Австралија, Нов Зеланд, Канада, САД и тоа многу голема работа за еден македонски филм.

-На крајот на октомври ќе има премиера во Турција и таму ќе биде прикажан во околку сто кино сали, рече Шекуткоска.

Актерите рекоа дека прв пат се појавуваат на филм и им била непозната јуручката култура и снимањето филм. Фасцинирани се од тоа дека уште постојат култури кои се еден вид посебен свет. Некои сакаат да продолжат со работа на филм, бидејќи ова било еден вид искуство во кое созреале.

-Тие беа избрани од околу 2.000 деца и мислам дека комплетно го носат на рамена, рече режисерот Унковски и им се заблагодари на актерите.

Related Articles