Home » Со концертот „Македонисимо“на Симон Трпчески, одбележан Денот на св.Кирил и Методиј во Рим

Со концертот „Македонисимо“на Симон Трпчески, одбележан Денот на св.Кирил и Методиј во Рим

by culturalchat

Со концертот „Македонисимо“ на Симон Трпчески во Рим, во рамките на културната програма на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ беше одбележан Денот на сесловенските просветители. На концертот, присуствуваше македонска државно-црковна делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова.„Со силни емоции и восхит ја проследивме величествената изведба на делото „Македонисимо“, маестрално изведено од виртуозот Симон Трпчески, како дел од манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ во Рим. Уживавме во брилијантната интерпретација на композициите што на публиката ѝ ја пренесоа магијата и убавината на македонското културно богатство. Преку достоинствено претставување на македонските вредности пред светот, изразуваме највисока почит кон ликот и делото на сесловенскиот просветител Св. Кирил. Духовното наследство е аманет што треба да го чуваме и со гордост да го пренесуваме на идните генерации“, истакна претседателката.Пред присутните се обрати и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.„Манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, повеќе од 5 децении се одржува во вечниот Рим, каде што во црквата „Сан Клементе“ бил погребан Свети Кирил, еден од најголемите просветители и духовни столбови на словенскиот свет. Токму овде, во овој свет град каде што почива неговото тело сме собрани со длабоко чувство на благодарност и почит. Благодарност за писмото и словото што ни ги подарија браќата Кирил и Методиј и почит за нивното визионерство, кое не само што ја осветли темнината на неписменоста туку и го вгради нашиот идентитет во темелите на европската цивилизација“.

Во своето обраќање во историскиот простор „Хорти Салустијани“ во Рим, министерот ја нагласи симболиката на чествувањето кое се совпаѓа со изборот на новиот папа – Неговата Светост Лав XIV, духовниот водач на Католичката црква и упати искрени честитки во духот на почитување на универзалните вредности, дијалогот меѓу народите и религиите. Тој се осврна и на концертот на пијанистот Симон Трпчески и квинтетот „Македонисимо“, на кој беа изведени дела од Едвард Григ, Петар Илич Чајковски и македонскиот композитор Панде Шахов.„Имаме особена чест да уживаме во интерпретацијата на еден од најистакнатите амбасадори на македонската култура, пијанистот Симон Трпчески. Симон со својата уметност не го освојува само светот, туку во секој тон, во секој акорд, на секоја сцена ја раскажува приказната за нашата земја, за нашата радост, тага, за нашата упорност. Тоа што тој го носи на сцената не е само музика – тоа е душа, тоа е Македонија. Секој негов настап е сведоштво дека уметноста е универзална, дека таа обединува и воздигнува и дека токму преку неа се среќаваат духовното, боженственото и човечкото. Затоа нека вечерашниот концерт биде нашата современа молитва, не со зборови туку со музика. Нека таа зборува таму каде што зборовите замолкнуваат. Нека делото на Свети Кирил и понатаму нѐ води низ вековите, низ културата и низ срцето на народот, затоа што јазикот ни е дом, културата ни е светлина, а заедништвото – сила“, порача Љутков. Претходно македонската делегација го посети и гробот на папата Франциск, а положи свежо цвеќе и пред спомен-плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Related Articles