Британското здружение на кинематографери ја додели својата награда за Специјално достигнување на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. На церемонијата која се одржа во Лондон беше истакнато:
„ Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ е најстариот фестивал посветен на кинематографијата во светот. Основан во 1979 година, фестивалот го доби името на двајцата пионери на кинематографијата, Јанаки и Милтон Манаки. Со осамостојувањето на Македонија во 1991 година, фестивалот стана Меѓународен филмски фестивал, славејќи ја светската кинематографија и истакнувајќи ги новите таленти и пред и зад камерата. Сместен на Балканот, во шармантниот македонски град Битола (градот на браќата Манаки), град кој е уметнички и креативен центар на фестивалот. Одборот на гувернери на Британското здружение на кинематографери ја доделува оваа награда како признание за посветеноста на фестивалот да го прослават занаетот на кинематографијата и неговата страст за прикажување разновиден спектар на фикција, документарни и кратки филмови од целиот свет“.
Оваа награда е спонзорирана од Universal Production Services.